Клубовите ќе усвојат низа заеднички стандарди, кои ќе помогнат да се испорача биобезбедна и сигурносна средина за гледачите во целата лига, соопшти Премиер-лигата, пренесува „Би-би-си“

Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига ја повикаа Владата на Велика Британија да се држи до предлогот на гледачите да им се дозволи враќање на стадионите од 1 октомври. Владата ги ограничи пилот-настаните на максимални 1.000 гледачи и го разгледува првичниот датум за кога беше предвидено дека ќе им биде дозволено на повеќе гледачи да присуствуваат на натпреварите. Ваквиот потег дојде по зголемувањето на бројот на новозаразени од ковид-19 во некои делови од земјата, објави „Би-би-си“.
– Клубовите ќе усвојат низа заеднички стандарди, кои ќе помогнат да се испорача биобезбедна и сигурносна средина за гледачите во целата лига.

Имајќи ги предвид високите безбедносни стандарди што ќе ги постави Премиер-лигата заедно со релевантните јавни власти, Лигата и клубовите ја повикуваат Владата да остане на предложениот датум, 1 октомври за контролирано враќање на публиката на спортските арени – соопшти Премиер-лигата, пренесува „Би-би-си“.
За време на состанокот клубовите објавија дека финансиската загуба генерирана од натпреварите што се играат без публика има значително влијание на Премиер-лигата, врз целокупната фудбалска пирамида, како и врз националната економија.

Извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, неодамна изјави дека доколку гледачите набргу не се вратат на стадионите, 20-те клуба во Лигата може да ги чини тоа и до 700 милиони фунти во текот на сезоната 2020/2021.