Ливерпул е единствената непоразена екипа по 18 кола

Во последните 10 години, водечката екипа на Божиќ (25 декември) осум пати била и првак, а само двапати (и тоа двапати Ливерпул, моментално водечки) на крајот не се закитила со титулата!

Шампионот во Премиер-лигата, Манчестер сити, доживеа вистински нокаут, загуби од Кристал палас пред своите навивачи на стадионот „Етихад“ (2-3). По овој втор пораз сезонава на последните три меча (првиот беше од Челси, 0-2), Сити за Божиќ (25 декември) ќе биде второпласиран, со минус од четири бода зад лидерот Ливерпул.
Сити лани во истиот период беше лидер, со предност од 13 бода. Очигледно Сити не е толку доминантен како лани, но факт е дека првенството е долго и напорно и оти ќе има уште многу натпревари за освојување бодови. Стрелецот на вториот гол за Кристал палас, Андрос Таунсенд, го постигна голот на сезоната, со волеј-удар од триесетина метри. За Палас ова беше прв триумф над Сити по 28 години и крај на серијата непобедливост на Сити на домашен терен сезонава, кој, патем, даваше во просек по три гола на деветте натпревари.

„Црвените“ на супериорен начин триумфираа на гости на силниот дожд против Вулверхемтон, 2-0, по што по 18 кола се единствената непоразена екипа во лигата (15 победи и три ремија), собраа 48 бода, со импозантна гол-разлика 39-7. Ливерпул има забележано осум победи и две ремија на последните 10 гостувања, а нивниот менаџер Јирген Клоп ја прокнижи 32-та победа против сите екипи со кои играл во Англија, во сите натпреварувања.

Само два тима имале повеќе бодови од Ливерпул за Божиќ, Челси во сезоната 2005/2006 (49) и Манчестер сити лани, во 2017/2018-та (52).

Англиските коментатори истакнуваат дека поразот на Сити е неочекуван, но и потсетуваат дека нема ништо страшно во тоа, потсетувајќи оти првакот ќе биде познат дури во мај следната година. Статистиката на некој начин му оди во прилог на Сити (а против Ливерпул), бидејќи во минатите 10 години само двапати тимот што бил лидер за Божиќ, на крајот не станал првак. И во двата случаја тоа бил Ливерпул, во сезоните 2008/2009 и 2013/2014! Во првиот случај во 2009-та, Ливерпул претрпе само два пораза, но многуте нерешени средби го чинеа шампионска титула, која ја освои Манчестер јунајтед, со два бода предност. Во вториот случај, пред пет година, Ливерпул беше најчесто на врвот, но фамозното „лизгање“ на Стивен Џерард на мечот против Челси на „Енфилд“ (0-2), потоа и ремито на гости против Кристал палас, 3-3 по водството од 3-0, повторно беа причина за тага, односно за радост на Сити.

Челси трипати, во сезоните 2009/2010, 2014/2015 и 2016/2017 беше лидер за Божиќ и првак на крајот. По двапати тоа беа Манчестер јунајтед (2010/2011 и 2012/2013) и Манчестер сити (2011/2012 и 2017/2018) и еднаш Лестер (2015/2016).

Но барем досега Ливерпул гази сѐ пред себе, иако не игра „течно“ и ефикасно како лани. Но одбраната, со засилувањата, Алисон Бекер на голот и Вирџил ван Дајк на позицијата центархалф, игра без грешка и ретко прима голови, само седум на 18-те меча! Останува да причекаме до мај да видиме дали Клоп ќе ја прекине таа несреќна традиција и Ливерпул конечно, по пауза од 29 години, ќе ја освои 19-та титула првак на Англија и прва во ерата на Премиер-лигата.