Ваквите тренинзи ќе може да се одвиваат во помали групи и потоа да напредуваат во поголеми групи, од четири до 12 спортисти, и на крајот целиот тим ќе може да тренира заедно, без физичко дистанцирање, се вели во препораките на Владата, за кои премиерлигашите треба да гласаат утре

ФУДБАЛ

Владата на Велика Британија им даде дозвола на фудбалските екипи во Премиер-лигата за „натпреварувачки“ тренинзи со „блиски контакти“ во услови на пандемија на коронавирусот, во рамките на т.н. втора фаза од препораките за спортистите. Премиер-лигата очекува продолжување на првенството на 12 јуни. Минатата недела клубовите ги продолжија тренинзите во помали групи, со задолжителна физичка дистанца и со почитување на строгите медицински протоколи.

– Тренинзите во рамките на фазата 2 ќе може да бидат со блиски контакти, во рамките на задолжителното физичко растојание од два метра. Предвидено е ваквите тренинзи да почнат во помали групи, со двајца до тројца спортисти и потоа да напредуваат во поголеми групи, од четири до 12 спортисти, и на крајот целиот тим ќе може да тренира заедно, без физичко дистанцирање – се вели во препораките на Владата, што ги објави „Телеграф“.

Премиерлигашите треба да гласаат утре за новите препораки на Владата, по третиот круг од тестирањата закажани за вчера и за денеска. Клубовите, менаџерите и фудбалерите сакаат појаснување за тоа што ќе се случи ако играчот биде позитивен на ковид-19, а претходно бил дел од тренинзите без контакт. Клучното прашање е дали играчот што имал некаков контакт, колку и да е минимален, со лицето што е позитивно, ќе биде принуден да оди во карантин 14 дена што би можело да им создаде големи проблеми на клубовите.