Никој не ме тераше, едноставно сакав да бидам голман, да бранам, ништо друго не ме интересираше. И не се каам, напротив, се чувствувам комотно меѓу стативите, вели Андов (18), кој деновиве од Вардар мина во Работнички

МАТЕЈ АНДОВ, НАДЕЖЕН ФУДБАЛСКИ ГОЛМАН

Мислам дека Работнички е вистинскиот избор за мене во моментов, тоа е добро организиран клуб, има одлични услови за работа каде што верувам дека фудбалски и голмански ќе напредувам. Не ми беше драго што си заминав од Вардар, таму минав неколку прекрасни години, се афирмирав, лани го освоивме и младинскиот Kуп на Македонија, но несредената ситуација во клубот ме принуди на вакво нешто – вели младиот и талентиран голман, Матеј Андов (18), кој деновиве од Вардар мина во Работнички потпишувајќи тригодишен договор.
Андов првите фудбалски, поточно голмански чекори или тренинзи, ги направи во Форца, потоа на 12-годишна возраст минува во Вардар каде што настапувал во сите возрасни категории, од пионерски, кадетски, до младински. За разлика од повеќето врсници, тој од почетоците сака да биде само голман, да брани.

– Никој не ме тераше, едноставно сакав да бранам, ништо друго не ме интересираше. И не се каам, напротив, се чувствувам комотно меѓу стативите. Досега имам работено со десетина тренери, не можам никого посебно да издвојам, оти од сите нив научив по нешто и им благодарам за тоа. Свесен сум дека и натаму ќе треба напорно да тренирам за да напредувам. Моментално сум втора, трета голманска опција во Работнички, но млад сум, времето е на моја страна и верувам дека во блиска иднина ќе станам и прв голман, зашто да не! – вели Андов додавајќи дека фудбалот му е најглавната работа во животот и целосно му е посветен.
Тој е стандарден на голот на младата репрезентација на Македонија, до 19 години, а претходно и на селекциите до 15 и до 17 години.

– Моја цел и голема желба е еден ден да бидам голман број 1 и на сениорската репрезентација на Македонија. На клупски план, во Работнички исто така, потоа ќе видиме, засега не размислувам за бранење во некој странски клуб, има време за тоа. Немам некои голмански идоли, ги почитувам сите македонски чувари на мрежата. Од оние попознатите од странство, би ги издвоил Мануел Нојер, не само затоа што навивам за Баерн, потоа Марк-Андре Тер Штеген од Барселона, а од постарите, Шпанците, Виктор Валдез и Икер Касилјас, ги има уште многу. Сите се одлични на свој начин, од секој од нив може да се научи по нешто, но јас се обидувам да изградам свој стил, да бранам на мој начин и да примам што помалку голови – истакнува Андов.