Пред пет децении во Мексико Сити, на 21 јуни, се одигра големото финале на СП 1970, Бразил – Италија (4-1), на кое Пеле, на врвот од кариерата, ја освои третата титула светски првак, која, пак, му го зацементира статусот на најголем фудбалер на светот на сите времиња

Пред педесет години, во јуни, на Светското првенство (СП) во Мексико 1970 (од 31 мај до 21 јуни), се роди модерниот фудбал. На вчерашниот ден пред пет децении во Мексико Сити на стадионот „Ацтека“ пред повеќе од 100.000 гледачи се одигра големото финале, Бразил – Италија (4-1). Пеле, на врвот од кариерата, на 30-годишна возраст, ги предводеше Бразилците до третата титула светски првак, која, пак, му го зацементира статусот на најголем фудбалер на светот на сите времиња.

– Тогаш бев на врвот на моите можности. Имавме фантастична екипа и сите очекуваа да победиме, што беше многу возбудливо – изјави Пеле.
Неговиот партнер во нападот, Тостао, минатата недела во својата колумна во бразилскиот весник „Фола“ напиша дека Пеле „сакал да ја заврши меѓународната кариера со голем триумф, индивидуално и колективно, така што никој не може да се сомнева дека е најдобар на сите времиња“.
Но на тоа финале му претходеа неколку незаборавни натпревари во нокаут-фазата за кои и ден-денеска се раскажува со восхит. Четвртфиналните дуели се играа напладне, на 14 јуни. Италија го совлада домаќинот Мексико со 4-1, Бразил беше подобар од Перу со 4-2, Западна Германија со Франц Бекенбауер и Герд Милер го елиминира бранителот на титулата Англија со 3-2, а Уругвај беше подобар од СССР со 1-0.
– Бразилците имаа четворица фудбалери со бројот 10 на дресовите. Ако ние постигнавме четири гола, тие сигурно ќе ни дадеа осум – прокоментира Теофило Кубилјас, тогаш еден од најдобрите играчи на Перу, на интернет-страницата на Фудбалската федерација на Бразил.

Во полуфиналето, на 17 јуни, во Гвадалахара, Бразил го совлада Уругвај со 3-1 иако Пеле не постигна гол. Во Мексико Сити, истиот ден се одигра второто, епско полуфинале, Италија – З. Германија 4-3, по 120 минути игра. На тој меч имаше сѐ и сешто, од голови до возбудувања и пресврти, а во сеќавање е и Бекенбауер, кој во поголемиот дел од мечот играше со завој околу повреденото десно рамо, оти Германците веќе го искористија правото на две замени.
– Сите сѐ уште зборуваат за тоа – изјави во една пригода Бекенбауер.
Но најдоброто допрва доаѓаше. Бразил ги растури „аѕурите“, кои имаа добар тим, со Сандро Мацола и Џани Ривера во нападот и со Џакинто Факети во одбраната, чија игра се темелеше на Интер, пионерите на „катанаџото“.

На надморска височина од 2.200 метри на сончевиот ден на стадионот „Ацтека“, Бразил прикажа врвен напаѓачки фудбал. Марио Загало, селекторот на Бразил, подоцна ќе изјави дека сметал оти победата над Англија од 1-0 во групната фаза е „најдобриот меч на турнирот, сличен на шаховска партија од највисока класа“. Но напаѓачката игра на Бразил во финалето на тоа СП стана репер според кој се мери секој следен, од десетиците илјади фудбалски натпревари одиграни оттогаш до денеска.
Пеле му донесе водство на Бразил со четвртиот гол на турнирот.
– Пред натпреварот си реков, па и тој е направен од кожа, месо и коски исто како и сите други, но згрешив – ќе изјави подоцна одбранбениот играч на Италија, Таркизио Бургнич.

Роберто Бонисења израмни на 1-1, но во второто полувреме Жерсон и Жаирзињо, потоа и Карлос Алберто, на додавање од Пеле, им ја запечатија судбината на Италијанците.
– Сега сфаќам колку беше убав и значаен тој гол, затоа што сите сѐ уште зборуваат за него. Исто или помалку се зборува за голот на Пеле, за првиот или за вториот гол. Секогаш станува збор за четвртиот гол во финалето. Мислам дека тоа е најдобриот гол досега постигнат на едно СП – изјави Карлос Алберто неколку години подоцна за „Би-би-си“.


Прво СП со ТВ-преноси во боја

СП 1970 година во Мексико не беше прво што во живо се пренесуваше на ТВ. Четири години порано 400 милиони луѓе го гледаа финалето на „Вембли“ во Лондон, во кое Англија ја совлада Западна Германија со 4-2. Но тој турнир беше прикажуван во црно-бела техника.
Во Мексико, Бразилците во дресовите во жолто-зелена комбинација и со зелени гаќички, блескаа на сонцето. Повеќето гледачи сѐ уште гледаа на црно-белите телевизори, но натпреварите од тоа СП беа снимани во боја и кога ќе се репродуцираат многуте историски моменти, така и се гледаат. На тоа СП во „боја“, се сеќава и најголемата звезда.
– Ги гледам натпреварите затоа што ги има на видеоснимки и на многу ТВ-програми. Тешко се воздржувам и секогаш почнувам да плачам кога ги гледам – изјави Пеле за интернет-страницата на ФИФА. 


Шампионскиот тим на Бразил

Феликс, Карлос Алберто, Брито, Вилсон Пјаца, Eвералдо, Жаирзињо, Клодоалдо, Жерсон, Ривелињо, Пеле, Тостао. Селектор: Марио Загало.