Аргентина го совлада Бразил со 1-0 во финалето на Копа Америка, на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, Лионел Меси на 10-от голем турнир (светски и континентални првенства) ја освои првата титула, а беше прогласен и за најдобар играч на првенството на Јужна Америка

ФУДБАЛ – КОПА АМЕРИКА

За Лионел Меси (34) заврши чекањето за првата голема меѓународна фудбалска титула, откако Аргентина го совлада Бразил со 1-0 (стрелец Анхел ди Марија во 22-та минута) во финалето на Копа Америка, на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, пред само 7.000 поканети гости, прв меч на турнирот на кој присуствуваа гледачи, поради ограничувањата поради ковид-19. За Меси тоа беше првиот трофеј на 10-от голем турнир со Аргентина (меѓу другото претходно еднаш светски вицешампион и трипати финалист на Копа Америка). Аргентина, пак, го прекина 28-годишниот пост од претходниот триумф на првенството на Јужна Америка во 1993 година, за 15-та рекордна титула, колку што има и Уругвај. Меси беше прогласен и за најдобар играч на турнирот со четирите гола и петте асистенции.
Поминаа 15 години откако Меси дебитира во дресот на Аргентина на голем турнир, и по четири настапи на светските првенства (СП) и шест на Копа Америка, на 53 натпревари, конечно ја освои првата поголема меѓународна титула. Освен тоа, Меси со Барселона освои и 10 титули во шпанската Ла лига, четири во Лигата на шампионите (ЛШ), шест „златни топки“ за фудбалер на годината…

Прашањата за неговата непосредна иднина ќе продолжат да се поставуваат, бидејќи тој сега е слободен фудбалер откако пред две недели му истече договорот со Барселона. Постои реална можност Меси следната година да се обиде со Аргентина да триумфира на СП во Катар, нешто што последен пат на таа репрезентација ѝ успеа на СП 1986 во Мексико, предводена од Диего Марадона. За разлика од Меси, неговиот поранешен соиграч од Барселона, Нејмар, по последниот свиреж на судијата не можеше да ги додржи солзите и ќе мора да причека на меѓународен успех со Бразил, откако ја пропушти победата на Копа во 2019 година, поради повреда.
Турнирот беше одложен за една година поради пандемијата на коронавирусот и првично домаќини требаше да бидат Колумбија и Аргентина, кои во последен момент се откажаа, по што завршниот турнир беше пренасочен за Бразил.
– Ова е многу голема титула. Се надевам дека Аргентинците ќе уживаат во неа. Навивачите го сакаат тимот безусловно и мислам дека се идентификуваат со фудбалерите, кои никогаш не се предаваат – изјави селекторот на Аргентина, Лионел Скалони.