Македонија има реални шанси да биде прва во групата и веќе во вториот циклус на Лигата на нациите да се пласира во повисок ранг, во лигата Б. Прва шанса за нови бодови е утрешниот дуел во Скопје со Грузија, ривалот идниот месец во Тбилиси, во финалето за пласман на ЕП 2021

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ, ЛИГА Ц

Во интересен и резултатски крајно неизвесен натпревар Македонија спасуваше еден бод во завршните 10 минути на мечот на гости во Талин, против Естонија (3-3), во третото коло, во лигата Ц, група 2, во фудбалската Лига на нациите (ЛН). При резултат 3-1, голови постигнаа капитенот Горан Пандев во 80-та и Ѓоко Зајков во 88-та минута. Македонија настапи со осуммина нови фудбалери во почетниот состав во споредба со мечот со Косово.
За Естонците тоа беше прв освоен бод во годинашниот циклус во Лигата на нациите и први постигнати голови на трите средби. Македонија има реални шанси да биде прва во групата и веќе во вториот циклус да се пласира во повисок ранг, во лигата Б.
Прва шанса за освојување нови бодови е утрешниот дуел против Грузија, ривалот во финалето за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, идниот месец во Тбилиси. Останува да се види дали селекторот Ангеловски, кој по мечот со Косово најави дека нема да тактизира против Грузија, ќе го почне мечот со најдобрите 11, или како против Естонците ќе изведе комбиниран состав.