Оливие Жиру

ФУДБАЛ – ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (16)

Првиот гол на завршните турнири на континенталните шампионати го постигна Милан Галиќ во 1960 година, на следното ЕП воведниот меч заврши без голови, па на првиот гол се чекаше до вториот дуел, а на ЕП 1976 првите двe средби се играа во исто време и во истата минута, 19-та, на двата натпревара беа постигнати голови

На Европското првенство (ЕП) што требаше да се одигра годинава, а е одложено за идната година поради пандемијата на коронавирусот, денес на програмата ќе беа нови фудбалски возбудувања по почетните предвидени за 12 јуни, со првиот меч Италија – Турција, во Рим. Европската фудбалска унија по тој повод на својата интернет-страница ги разгледува резултатите и почетните голови на натпреварите со кои почнуваше секое досегашно европско првенство.

ЕП 1960: Франција – СФР Југославија 4-5. Првиот гол на завршните турнири на континенталните шампионати го постигна Милан Галиќ во 11-та минута на полуфиналниот дуел со домаќинот на ЕП 1960, Франција, а шеесетина секунди подоцна бил постигнат и вториот, од Венсан за 1-1.

ЕП 1964: Шпанија – Унгарија 2-1. Хесус Мариа Переда го постигна првиот гол во 35-та минута на тоа полуфинале во Мадрид, најавувајќи ја и подоцнежната титула на Шпанија на тоа првенство.

ЕП 1968: Италија – СССР 0-0 (Италија победи со потфрлање паричка). Првиот гол на тоа ЕП не беше постигнат на тој меч во Неапол, туку истиот ден подоцна во Фиренца, каде што крилото на СФРЈ, Драган Џаиќ, ја затресе мрежата за победа на дуелот со Англија.

ЕП 1972: Белгија – Западна Германија 1-2. По асистенцијата на Гинтер Нецер, центарфорот на Германија, Герд Милер ја заврши акцијата со гол за водство во 24-та минута.

ЕП 1976: Чехословачка – Холандија 3-1 (по продолженија) и СФР Југославија – З. Германија 2-4 (по продолженија). Двете полуфиналиња почнаа во исто време во Загреб, односно во Белград и во двата меча првиот гол беше постигнат во 19-та минута, и тоа Антон Ондруш за Чехословачка, а Данило Попивода за СФРЈ.

ЕП 1980: Чехословачка – З. Германија 0-1. На првото ЕП со осум селекции Карл-Хајнц Румениге постигна гол по асистенцијата на Ханси Милер, во 57-та минута во мечот од 1-то коло од групната фаза.

ЕП 1984: Франција – Данска 1-0. Франција беше наградена за упорноста, кога Мишел Платини во 78-та минута постигна гол по шут, кој се одби од еден играч на Данска.

ЕП 1988: З. Германија – Италија 1-1. Роберто Манчини во 52-та минута постигна гол на дуелот со домаќинот, завршувајќи од близината една акција што одеше по десната страна.

ЕП 1992: Шведска – Франција 1-1. Со силниот удар со глава Јан Ериксон го отвори резултатот во 24-та минута, по корнерот.

ЕП 1996: Англија- Швајцарија 1-1. Алан Ширер прифати топка од Пол Инс во 23-та минута и постигна гол за водство на Англија, со што го заврши голгетерскиот пост од 21 месец. Тоа беше прво ЕП со 16 репрезентации.

ЕП 2000: Белгија – Шведска 2-1. Соло-акцијата на Барт Гор ѝ донесе водство на Белгија, откако прифати одбиена топка од свое додавање и потоа влезе во шеснаесетникот и го совлада голманот на Шведска.

ЕП 2004: Португалија – Грција 1-2. Јоргос Карагунис во 7-та минута донесе водство за Грција, со гол од 25 метри.

ЕП 2008: Швајцарија – Чешка 0-1. Вацлав Сверкош, кој во игра влезе од клупата за резервни фудбалери, прифати една топка од заднина и постигна гол за победа на Чешка.

ЕП 2012: Полска – Грција 1-1. По центаршутот на Јакуб Блашчиковски, центарфорот Роберт Левандовски постигна гол со глава за водство на домаќинот на првенството.
ЕП 2016: Франција – Романија 2-1. Центарфорот Оливие Жиру беше највисок во скокот во 57-та минута за 1-0 за организаторот на ЕП 2016, Франција.


Европското фудбалско првенство, одложено за идната година, е јубилејно, откако годинава, кога требаше да се игра шампионатот, се навршуваат 60 години од првото, одржано во 1960 година. „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување