Ќе се доиграат преостанатите четири кола од третиот круг, по што ќе следуваат плејоф и плејаут, но ќе нема испаѓање од Првата лига на Македонија во фудбал

Натпреварите во прекинатата сезона во Првата лига на Македонија во фудбал треба да продолжат меѓу 14 и 21 јуни. Натпреварите ќе се играат без публика, со ограничен број службени лица на стадионите како дел од организацијата. Фудбалерите, стручните штабови и другите официјални лица се обврзани да го почитуваат здравствениот протокол за одигрување на натпреварите, соопшти Комисијата за натпреварување при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која им предложи три опции на клубовите за доигрување на натпреварите, меѓу кои најприфатлива за нив беше играњето според скратен систем.

Тоа значи дека ќе се доиграат преостанатите четири кола од третиот круг, по што ќе следува плејоф во кој ќе разигруваат првопласираните шест екипи по третиот круг. Трите најдобри екипи ќе играат во квалификациите за европските купови. Во плејаутот ќе разигруваат четирите последнопласирани екипи по третиот круг, но ќе нема испаѓање. Најверојатно во следната 2020/2021 сезона Првата лига ќе има 12 екипи, односно двете најдобри од Втората лига ќе играат во повисок ранг.
Во Купот на Македонија ќе се играат по еден полуфинален натпревар и финале. Победникот исто така оди во фудбалска Европа.

Втората лига нема да се доигра, а Комисијата за натпреварување им го препорачува тоа и на пониските лиги.
Фудбалерите не престанаа со индивидуалните тренинзи, а деновиве клубовите треба ги направат задолжителните тестови за коронавирус и да започнат со групните тренинзи, за почеток во помали групи, со по четири до пет фудбалери, а потоа, во текот на наредната недела, и во поголеми групи со над 10 играчи, со задолжително почитување на пропишаните здравствени и хигиенски протоколи.

– Во ваква ситуација не може да стане збор за какви било посериозни подготовки. Најпрвин во првите денови ќе треба да почнеме практично од нула, бидејќи фудбалерите паузираа повеќе од два месеца. Потоа, на ред се групните тренинзи и какво-такво уигрување, па натпревари. Според тоа, за очекување е со натпреварите да продолжиме на 21 јуни, иако и тоа е рано, но времето минува, роковите се пробиени и треба да се заврши првенствово – вели Горазд Михајлов, тренерот на велешки Борец.