Предвидено е ЕП 2024 да се игра во 10 града, а финалето на Олимпискиот стадион во
Берлин. Германија во минатото беше домаќин на СП 1974, ЕП 1988 и на СП 2006

Германија ќе биде домаќин на Европското првенство (ЕП) во фудбал во 2024 година, одлучи Европската фудбалска унија (УЕФА) во Нион, Швајцарија, со мнозинството гласови на членовите на Извршниот комитет (ИК), 12-4, во конкуренција со Турција, а еден глас бил неважечки.
Германија вторпат ќе биде домаќин на едно ЕП (првиот пат во 1988, како Западна Германија). Турција повторно не доби организација на едно големо европско или светско натпреварување. Претходно Турците не беа избрани при кандидатурите за домаќини на ЕП во 2008, 2012 и во 2016 година, како и за домаќини на ЛОИ 2000, 2008 и 2020-та.

Завршниот турнир на ЕП 2024 ќе му се врати на конвенционалниот формат со една земја-домаќин, по ЕП 2020, кое ќе се игра во 12 земји низ Европа, по повод 60-годишнината од првото ЕП.
На ЕП во 2024 година 24-те репрезентации ќе играат во 10 града во Германија, и тоа во Берлин, Дортмунд, Диселдорф, Франкфурт, Гелзенкирхен, Хамбург, Келн, Лајпциг, Минхен и во Штутгарт. На завршниот турнир во периодот јуни-јули во 2024-та треба да се одиграат 51 натпревар, а финалниот е предвидено да се игра на Олимпискиот стадион во Берлин, на кој се играше финалето на Светското првенство во 2006 година.
Германија трипати била првак на Европа, во 1972, 1980 и во 1996 година, на шампионатите одржани во Белгија, Италија, односно во Англија.

– Процедурата беше транспарентна, гласањето демократско. Секоја демократска одлука е вистинската одлука. Сигурен сум дека Германија ќе биде фантастичен домаќин и дека ќе присуствуваме на прекрасен турнир, на и надвор од теренот – рече Александар Чеферин, претседателот на УЕФА.
Поранешниот капитен на Германија на СП 2016, Филип Лам, амбасадорот на кандидатурата, ќе биде на чело на организацискиот комитет на ЕП 2024.