Кристијано Роналдо наполни 35 години, што значи шанса за него да собори нови рекорди во Лигата на шампионите (ЛШ) како еден од најдобрите стрелци постари од 35 години во историјата на натпреварувањето, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Првиот предизвик на напаѓачот на Јувентус и на Португалија е да стане 50-от играч на возраст над 35 години што постигнал гол во ЛШ, откако се игра според новиот систем од сезоната 1992/93.

А потоа, тој ќе се обиде да ги престигне неколкуте водечки стрелци над таа возраст во ЛШ. На таа листа прв е Дидие Дрогба (Челси и Галатасарај) со пет гола, а по него следуваат Лорен Блан (Манчестер јунајтед) и Филипо Инзаги (Милан) со по четири гола, а Рајан Гигс (Манчестер јунајтед) и Улф Кирстен (Баер) со по три. Во ерата пред ЛШ, кога се играше Купот на шампионите, во оваа категорија најефикасни се некогашните фудбалери на Реал Мадрид, Ференц Пушкаш со 17 гола на 18 меча и Алфредо ди Стефано со 13 погодока постигнати по 35-от роденден, пишува УЕФА. Во Лига Европа најефикасен во оваа категорија е Аритз Адуриз (Атлетик) со 22 гола.