Вечните шпански ривали, Барселона и Реал Мадрид, треба да играат меѓу себе в недела, но првпат од 2007 година нема да настапат Меси (во саботата скрши коска во десната рака и ќе паузира најмалку три недели) и Роналдо, кој летово замина во Јувентус

Лионел Меси со болни гримаси на лицето мораше да го напушти теренот во 17-та минута од фудбалскиот меч Барселона – Севилја (4-2) на „Ноу Камп“. Тој има скршеница на десната рака (коска на рамото) и ќе мора да паузира најмалку три недели, објави неговиот клуб.
Во тој период тој, како прво, ќе го пропушти неделното „ел класико“, дерби-дуелот Барселона – Реал Мадрид на „Ноу Камп“. Тој меч ќе биде прв по декември 2007 година без Меси (настапи на 21 дерби-меч во низа), но и без Кристијано Роналдо, кој летово од Реал Мадрид замина во Јувентус и кој до годинава настапи на 18 дерби-средби против Барселона.

Меси ќе ги пропушти следните пет натпревари на Барселона, меѓу кои прв е оној в среда против Интер во 3-то коло на Лигата на шампионите (ЛШ). Враќањето на Меси, кој есенва беше во одлична форма и веќе постигна 12 гола, плус пет асистенции, се очекува за крајот на ноември и дербито против Атлетико Мадрид.
Кариерата на Меси е преполна со спектакуларни достигнувања со Барселона, клубот чиј дрес го облече пред 15 години. До почетокот на годинашната сезона Меси постигна 552 гола и имаше 212 асистенции на 637 натпревари за Барса.
Во новата сезона аргентинскиот маестро има и дополнителен притисок, стана капитен наместо Андрес Иниеста, а по хет-трикот (трите титули во низа) на Реал Мадрид во ЛШ изјави дека главна цел му е освојување на титулата првак на Европа, петта за него. Барселона во претходните три години не успеваше да стигне подалеку од полуфиналето.

Во минатата сезона Меси постигна 45 гола, плус 18 асистенции на 54 натпревари. Тој ја предводеше Барселона до титулата во шпанската Ла лига, 25-та во клупската историја и до 30-от трофеј во шпанскиот Кралски куп.