За дуелот Баерн – Севилја на 24 септември во Будимпешта, УЕФА привремено дозволи исполнетост на стадионот до 30 отсто. Поради пандемијата на коронавирусот, од март меѓународните мечеви во организација на УЕФА се играат без публика (завршницата на минатата и квалификациите за новата клупска сезона, а без гледачи ќе се играат и дуелите во септември на репрезентациите во Лигата на нациите)

ФУДБАЛ – СУПЕРКУП 

На фудбалскиот Суперкуп на УЕФА во Будимпешта (Унгарија) може да присуствуваат околу 20.000 навивачи, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека стадионот може да биде пополнет до 30 отсто. Новиот европскиот првак Баерн на 24 септември треба да се соочи со победникот во Лига Европа, Севилја, на стадионот „Ференц Пушкаш“, кој има капацитет од 68.000 седишта.
Поради пандемијата на коронавирусот, од март меѓународните мечеви во организација на УЕФА се играат без публика. Така се играше завршницата на минатата клупска сезона во Португалија во Лигата на шампионите и во Германија во Лига Европа, а без гледачи се играат и средбите во квалификациите што се во тек за новата сезона. Без публика ќе се играат и дуелите во септември на репрезентациите, во првите две кола на второто издание на Лигата на нациите.
– Иако беше важно да се покаже дека фудбалот може да продолжи и во тешки времиња, без гледачи, играта изгуби нешто од својот карактер.

Се надеваме дека ќе го искористиме Суперкупот на УЕФА во Будимпешта како проба за враќањето на гледачите на нашите натпревари. Тесно соработуваме со Унгарската федерација и со нејзината влада за спроведување мерки за да се зачува здравјето на сите што присуствуваат и учествуваат во натпреварот. Нема да ризикуваме со безбедноста на луѓето – изјави за сајтот на УЕФА, претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Овие одлуки следуваат по консултативниот состанок што УЕФА го имаше со своите 55 земји-членки на 19 август.

УЕФА ќе продолжи да ја следи состојбата и да го советува нејзиниот Извршен комитет, доколку е потребна промена во однос на Суперкупот на УЕФА за 2020 година, односно дали тој да се игра пред публика или зад затворени врати до понатамошно ново известување, пишува на интернет-страницата на УЕФА.