На 41-от ден до почетокот на Светското првенство (СП) во фудбал, пехарот наменет за светски првак повторно се врати во земјата-домаќин, Русија. Предвидено е пехарот до почетокот на СП да посети девет града, Владивосток, Новосибирск, Екатеринбург, Самара, Казан, Нижни Новгород, Ростов, Санкт Петербург и Москва, што ја прави најдолга турнеја од ваков вид во историјата.

– За време на светската турнеја, која почна на 22 јануари годинава, пехарот ќе посети 51 земја на шест континенти и на повеќе од 330.000 фудбалски навивачи во светот ќе им даде можност да го видат оригиналниот трофеј. Многу сме задоволни од реакциите и се надеваме дека ќе биде возбудливо и во градовите низ Русија, до почетокот на СП – изјави Филип де Флох од комерцијалниот оддел на ФИФА.

„Трофејната турнеја“ е ретка можност за навивачите да го видат оригиналниот трофеј, кој се чува во фудбалски музеј на ФИФА во Цирих и да се фотографираат со него. ФИФА четврти пат ја организира ваквата турнеја (првпат пред СП 2006). Почетокот беше во септември 2017 година на стадионот „Лужники“ во Москва, по што трофејот патуваше три месеца низ 16 руски града, вклучувајќи ги Саранск, Калининград, Волгоград и Сочи. На 22 јануари, глобалната турнеја почна во Лондон и оттогаш посети 66 града низ 50 земји на шест континенти, поминувајќи 146.835 км. На Балканскиот Полуостров пехарот беше само во Софија, во февруари.