Во вториот финален меч на Копа либертадорес, кој се играше во Мадрид, Ривер плата ја совлада Бока јуниорс со 3-1 (во првиот меч на теренот на Бока, на 11 ноември беше 2-2) и ја освои четвртата титула првак на Јужна Америка

Ривер плата е новиот фудбалски првак на Јужна Америка. Во реванш-мечот на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, Ривер беше подобар од Бока јуниорс со 3-1 (во првиот меч беше 2-2) по 120 минути игра, што се играше со многу „срце, а не со ум“, со многу трчање, борбеност на граница на грубост, интензитет, но и убави голови. Бока поведе со голот на Дарио Бенедето во 44 минута, Лукас Прато израмни на 1-1 во 68 минута, Колумбиецот Хуан Кинтеро беше стрелец на вториот, решавачки гол за Ривер во 109 минута, а конечните 3-1 ги постави Гонзало Мартинез во 120 минута, со шут на празен гол. За Ривер ова е четврти триумф во Копа либертадорес.

Првпат во 58-годишната историја на Копа либертадорес во финалето се сретнаа големите ривали од Буенос Аирес, чиј двомеч ќе се памети по случувањата на терените и надвор од нив, кои имаат мали допирни точки со фудбалот. Поради големата тензичност беше решено на двата дуела да нема навивачи на гостинските тимови. На првиот меч на 11 ноември на стадионот „Бонбониера“ на Бока сѐ беше во ред, но пред реваншот на стадионот „Монументал“ на Ривер, на 24 ноември, навивачи на Ривер го нападнаа автобусот на Бока, при што беа повредени неколку фудбалери на Бока. Епилогот беше одложување на натпреварот, а потоа и пренасочување на неутрален терен.

Двата тима потекнуваат од ист, посиромашен дел на Буенос Аирес, Бока, но по преселбата на Ривер во побогатиот дел од градот, Нуњез, ривалството го подели главниот град на Аргентина. Оттаму и шпанските власти беа во состојба на „црвена тревога“ и ја спроведоа најголемата безбедносна операција од ваков вид во Мадрид. Беа ангажирани над 4.000 полицајци и специјалци за да се грижат за безбедноста на и околу стадионот. Таа бројка беше речиси двојно поголема од онаа пред дуелите Реал – Барса (2.500 полицајци).

Во Аргентина, на навивачите на двата клуба им беа поделени само по 5.000 влезници за да се спречат хулиганите и потенцијалните предизвикувачи на неволји да допатуваат во Мадрид. Тие што некако успеале да стигнат до Мадрид биле враќани од аеродромите, и покрај тоа што тврделе дека отишле во Мадрид на одмор, наводно без билети и намера да го гледаат натпреварот. На трибините, пак, беа забележани голем број познати фудбалски луѓе, како Аргентинецот Лионел Меси, па Шпанецот Жорди Алба, Уругваецот Диего Годин, Колумбиецот Хамес Родригез, Французинот Антоан Гризман и многу други.

По мечот, навивачите на Ривер излегоа на плоштадот „Пуерта дел Сол“ во Буенос Аирес да го прослават триумфот, на местото каде што традиционално се слави Нова година. Но прославата не заврши како што треба, бидејќи највжештените навивачи на Ривер претерале со славењето и почнале да дивеат по улиците на градот, фрлајќи шишиња, запаливи и други предмети врз полицијата, која била принудена да употреби и сила за да ги растера „навивачите“.