Тоа во практика значи дека во Премиер-лигата би се исклучиле случаите кога поради прстот понапред на играчот бил поништен голот, како што се случуваше лани и за што многу гледачи, играчи и стручњаци сметаа дека е на штета на играта

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГАТА ВО НОВАТА СЕЗОНА

Во новата сезона, која почнува во август, на натпреварите во англиската фудбалска Премиер-лига ќе се користат „пошироки линии“ за утврдување на маргиналните одлуки со системот видеопомошник-судија (ВАР). Договорот за употреба на „пошироките линии“ следува по презентацијата на шефот на судиите, Мајк Рајли, пред клубовите на годишното генерално собрание во јуни.
Интернационалниот одбор на фудбалската асоцијација (ИФАБ), според правилата, не ја одредува максималната широчина на линиите. Тоа значи дека, во практика, во Премиер-лигата би се исклучиле случаите кога поради прстот понапред на играчот бил поништен голот, како што се случуваше лани и за што многу гледачи, играчи и стручњаци сметаа дека е на штета на играта. Но уште не е јасно колку ќе бидат широки линиите и дали англиската Премиер-лига ќе го следи холандскиот модел, каде што доколку се допираат крајните црвено-сини линии за офсајд, останува првичната одлука донесена од судијата на теренот.
За гледачите тоа ќе значи дека повеќе нема да гледаат како „функционира“ ВАР во Премиер-лигата, која беше единствената што објаснуваше, понекогаш предизвикувајќи вистински хаос. Дилемата е дали ВАР ќе се користи како на Европското првенство (ЕП) 2020, на кое имаше неколку контроверзни одлуки, но, генерално, сѐ помина доста добро.

Но, во споредба со Премиер-лигата, Европската фудбалска унија (УЕФА) назначи двојно повеќе судии и, клучно, имаше ВАР што се фокусира само на офсајдите. Исто така, не се објаснуваше, туку се покажуваше само конечната одлука на ВАР. Но на ЕП 2020 имаше 51 натпревар, а во Премиер-лигата дури 380 во сезоната.
Долниот дел од пазувите сега се класифицира како дел од телото од каде што ќе се сметаат офсајдите. Се менува и правилото за играње со рака. Случајното играње со рака во зачетокот на акцијата при постигнат гол повеќе нема да се смета за прекршок. Клучниот термин тука е „во зачеток“. Но уште ќе се смета за прекршок ако случајното играње со рака директно создаде шанса за гол или помогне да се постигне гол.
Исто така, има ново толкување околу тоа како играчот го прави своето тело „неприродно поголемо“ во ситуација на играње со рака. Тоа значи дека правилото за играње со рака повеќе не прецизира дека одредена позиција или што било друго, освен стандардната силуета на телото, се смета за „неприродно“. Звучи збунувачки, односно можеби уште ќе постојат „сивите области“, односно поголема субјективност кај судиите во однос на она што се смета за „движење на телото на играчот во таа специфична ситуација“.