Во четвртото коло Челси и Севилја можат да бидат првите што ќе се пласираат во следната рунда, со оглед на тоа дека играат од 18.55 часот, а во игра вечерва за пласман во осминафиналето се и Барселона, Јувентус…

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

По двонеделната пауза поради репрезентативните натпревари во Лигата на нациите (ЛН), денеска и утре со 4-то коло продолжуваат возбудувањата во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Челси и Севилја, кои имаат по седум бода во групата Ф, имаат шанса да бидат првите тимови што ќе се пласираат во осминафиналето, со оглед на фактот дека натпреварите на гости, со Рен, односно со Краснодар, се играат од 18.55 часот. За пласман понатаму им се потребни победи, а во случај на порази ситуацијата во групата би се усложнила.
Барселона игра лошо есенва во Ла лига, но во ЛШ нема проблеми и забележа три победи во групата Г. Барселона, која 21 пат, најмногу од сите тимови, ја има поминато групната фаза, му гостува на Динамо Киев, кој ќе се обиде да се реваншира за поразот во првиот меч со 1-2, и да фати приклучок. Јувентус, пак, го пречекува Ференцварош (во минатото коло италијанскиот првак славеше во Будимпешта со 4-1).

Во групата Х, Манчестер јунајтед го пречекува турскиот првак Башакшехир од кого загуби во Истанбул со 1-2, во 3-то коло. Возбудувања се очекуваат и на мечот ПСЖ – Лајпциг (првиот натпревар го доби германскиот тим со 2-1). Парижаните и нивниот тренер Томас Тухел се под голем притисок, играат во променлива форма есенва за што сведочи и тоа дека во ЛШ забележаа само една победа (и два пораза) на трите меча.


ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Група Е: Краснодар – Севилја, Рен – Челси.
Табела: Челси и Севилја по седум, Краснодар и Рен по еден бод.
Група Ф: Лацио – Зенит, Борусија Д. – Бриж.
Табела: Борусија шест, Лацио пет, Бриж четири, Зенит еден бод.
Група Г: Динамо К. – Барселона, Јувентус – Ференцварош.
Табела: Барселона девет, Јувентус шест, Динамо и Ференцварош по еден бод.
Група Х: Манчестер Ј. – Башакшехир, ПСЖ – Лајпциг.
Табела: Манчестер ј. и Лајпциг по шест, ПСЖ и Башакшехир по три бода.
дуелите во групата Е се од 18.55 часот, а другите средби почнуваат во 21 часот