Фудбалерите на Реал Мадрид ќе ја бранат титулата во ЛШ

Првпат натпреварите ќе се играат во два термина, наместо како досега стандардно од 20.45 ч., па 64-та сезона на најсилното фудбалско клупско натпреварување ќе почне со дуелите во Барселона и во Милано

Со мечевите утре и задутре почнува 64-та сезона во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, а 27-та откако се игра под името Лига на шампионите. Во новата сезона беше применет изменет квалификациски систем, со осум места за квалификантите, наместо 10 како до лани, а од утре првпат почнуваат и двојните термини со мечеви што ќе се играат од 18.55 часот и од 21 часот.

До лани средбите се играа стандардно од 20.45 часот, со ретки исклучоци од 18 часот. Во првото коло сезонава ќе има по два рани меча утре и в среда. Така, сезоната ќе биде отворена со средбите Барселона – ПСВ Ајндховен и Интер – Тотенхем.

Реал Мадрид ќе ја брани титулата, а вкупно 13 од 22-та досегашни европски прваци ќе играат во новата сезона. Дерби на колото е мечот Ливерпул – ПСЖ во групата Ц, како и средбата на актуелниот првак Реал Мадрид со ланскиот полуфиналист, Рома.
Во Лигата на шампионите сезонава ќе има тимови од 15 земји (во претходните три сезони по 17), а откако се игра како ЛШ (од 1993 година) дебитанти во групната фаза се Црвена звезда, Јанг бојс и Хофенхајм.

Финалето сезонава е предвидено за јуни в година, во Мадрид, на стадионот на Атлетико.