Косовскта фудбалска легенда, ѕвездата на косовскиот и југословенскиот фудбал, Фадиљ Вокри, почина утрово од срцев удар на 57-годишна возраст.

Веста за смртта на Вокри, кој долги години откако престана активно да игра фубал и беше претседател на Фудбалската федерација на Косово, за „Газета Експрес“ ја потврдил негов близок пријател.

– Се верува дека е срцев удар, но го чекаме лекарскиот извештај – изјавил изворот на приштинскиот портал.

Фадиљ Вокри беше славен како еден од најдобрите центарфори во осумдесетите години во југословенскиот фудбал. Играше за фудбалските клубови Приштина и Партизан од Белград, а беше член и на репрезентацијата на тогашната заедничка држава.

Тој го внесе Косово во УЕФА и ФИФА. Во 1986. беше прогласен за фудбалер на годината во Југославија. За репрезентацијата на Југославија одигра 12 натпревари и постигна шест гола.

Во периодот 1990-92 играше за Фенербахче. Кариерата како фудбалер ја заврши во 1995 година како член на францускиот второлигаш Монтлукон.

Роден е на 23 јуни 1960 година.