Лоренцо Санс

Коронавирусот сѐ повеќе зема замав во Шпанија, има многу заразени и починати, a шпанските медиуми јавуваат дека жртва на овој вирус е и поранешниот славен претседател на фудбалскиот клуб Реал Мадрид, Лоренцо Санс, кој почина во 76-та година.

Тој беше прв човек на Реал од 1995 до 2000 година, а во неговиот мандат, кралскиот клуб двапати триумфира во Лигата на шампионите (ЛШ). Првпат во 1998 година, по 32 години пауза, а вторпат две години подоцна. Санс е познат и по тоа што создаде еден нов Реал, а тренерската палка му ја довери на италијанскиот стручњак Фабио Капело. Патем, во клубот донесе неколку славни фудбалски имиња, како што се Кларенс Сидорф, Роберто Карлос, Предраг Мијатовиќ, Давор Шукер…

Во Реал остана 15 години. Од 1985 до 1995 беше директор на клубот, а потоа го замени дотогашниот претседател Рамон Мендоза. На изборите во клубот во 2000 година загуби од Флорентино Перез.