Алтернатива на СП на две години би можело да биде турнир што се заснова врз стариот Куп на конфедерации (КК) или некаква глобална верзија на форматот на Лигата на нациите (ЛН), вели потпретседателот на ФИФА, Канаѓанецот Виктор Монталјани

ФУДБАЛ

Потпретседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Канаѓанецот Виктор Монталјани, нуди можно компромисно решение во спорот околу предлогот за светско првенство (СП) на две години. Во интервјуто за „Ројтерс“, Монталјани вели дека алтернатива на СП на две години би можело да биде турнир што се заснова врз стариот Куп на конфедерации (КК), кој не се одржува од 2017 година, или некаква глобална верзија на форматот на Лигата на нациите (ЛН), која ја користат УЕФА и КОНКАКАФ.
– Целосно сум за принципот да се има настан помеѓу две СП. Прашањето е што ќе биде тоа, како гледаме на тоа, како тоа влијае на други работи, како што се квалификациските процеси и на турнирите што веќе постојат? Тоа е процесот низ кој треба да поминеме – вели Монталјани.
КК се одржуваше на секои четири години, пред СП, а на турнирот учествуваа осум земји, победниците на континенталните првенства, меѓу кои Европското (ЕП) и Копа Америка, заедно со актуелниот светски првак и земјата домаќин.
– Пред четири или пет години имавме дискусии за глобална лига на нации, така што ова не се нови теми. Тие можеби изгледаат поинаку, без разлика дали тоа е глобална лига на нации, куп на конфедерации или идеја на Арсен Венгер за СП на две години. Тоа се настани што се случуваат помеѓу тековните циклуси на СП – вели тој.
ФИФА на 20 декември треба да одржи глобален состанок со сите национални асоцијации за да разговара за плановите. Во октомври, Инфантино, откако УЕФА се закани дека ќе го бојкотира СП на две години, изјави дека бара консензус околу ова прашање, како и за новиот меѓународен календар на натпревари. Договорот за постојниот календар завршува во 2024 година.
Монталјани, кој е и претседател на конфедерацијата на Северна и Централна Америка и на Карибите (КОНКАКАФ), е клучен сојузник на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и на неговата идеја за алтернативен турнир, на што жестоко се противат УЕФА и врвните лиги и клубови.