Јас сум многу отворен и чекам да бидам заведен од проектот, не од земјата. Битен е клубот, секако и луѓето, човечката димензија. Ги сакам Англија и Премиер-лигата, за која мислам дека е најдобрата во светот. Тоа е една од опциите, но немам против ниту да работам во друга земја, вели Почетино во интервјуто за „Гардијан“

ФУДБАЛ – МАУРИЦИО ПОЧЕТИНО, ПОРАНЕШЕН МЕНАЏЕР НА ТОТЕНХЕМ

Аргентинецот Маурицио Почетино, поранешниот менаџер на англискиот фудбалски премиерлигаш Тотенхем, пред неколку дена официјално ја заврши соработката со клубот и сега, како што вели, сонува за „совршен клуб и за совршен проект“. Почетино изминатиот период го помина во својата куќа во северен Лондон, каде што беше интервјуиран од весникот „Гардијан“, од каде што пренесуваме делови.
На прашањето дали му е „лут“ на Жозе Мурињо, кој го наследи на функцијата, тој енергично вели: „Не, никако. Жозе и јас се знаеме одамна.“ И потоа раскажува за една епизода кога тој бил тренер на Еспањол, а Мурињо на Реал. Во тоа време шпанските медиуми шпекулираа дека Почетино ќе го наследи Мурињо во „кралскиот клуб“.

– Видете, моите деца спијат во пижами со боите на Еспањол, така што за мене е многу тешко да размислувам за тренирање друг клуб – беше одговорот на Почетино на прес-конференцијата пред дуелот меѓу двата тима.
Мурињо на тоа одговорил со подарок при пристигнувањето на стадионот, пред мечот.
– Тоа беше многу убаво шише француско црвено вино за мене и два комплета дресови на Реал. „Тие се за твоите деца да ги носат отсега, па натаму“, ми рече. Оттогаш имаме многу добри односи и јас сум среќен што тој ме замени во Тотенхем – вели Почетино.
Работите тргнаа наопаку за Почетино по минатогодишното финале во Лигата на шампионите (ЛШ), во кое Тотенхем загуби од Ливерпул (0-2). Тој вели дека поразот во Мадрид е „тешко да се прифати“.
– Бевме многу подобри од Ливерпул и заслуживме подобар резултат, но финалето се игра за да се победи. Никој не е подготвен да прими гол во финале во ЛШ како нас, по 30 секунди, и тоа смени сѐ, сите емоции. Бев многу разочаран на крајот – вели Почетино.

За Почетино ова е прва подолга пауза од јануари 2013 година, време што го искористи за да погледне назад и да подразмисли. Тој вели дека имал многу средби и разговори со фудбалски луѓе што ги почитува, вклучувајќи ги Мурињо и Унаи Емери, кој беше разрешен од Арсенал десет дена по Почетино.
– Работевме во различни клубови, бевме непријатели, а потоа пиевме кафе заедно. Разговаравме и анализиравме сѐ, тренинзи, натпревари, нашата методологија, методи за тренинзи – рече Почетино.

Почетино вели дека сонува за „совршен клуб и за совршен проект“. И сака да остане да работи во Англија. Тој вели дека неговото семејство добро се чувствува во Лондон, каде што неговиот постар син Себастијано има девојка. Помладиот син Маурицио, кој има 19 години, е крилен напаѓач во академијата на Тотенхем.
– Јас сум многу отворен и чекам да бидам заведен од проектот, не од земјата. Битен е клубот, секако и луѓето, човечката димензија. Ги сакам Англија и Премиер-лигата, за која мислам дека е најдобрата во светот. Тоа е една од опциите, но немам против ниту да работам во друга земја – вели Почетино. 


„Луѓето треба да ги вреднуваат успесите на различни начини“

Маурицио Почетино сака да освојува трофеи, но го фрустрира тоа што критичарите не ги интересираат работи како што се недостигот од средства во клубот пред да донесат мислење. Тој, исто така, не може да одолее, а да не нагласи дека Алекс Фергусон или Мајкл Џордан не освоиле титули до седмата сезона во Манчестер јунајтед, односно во Чикаго булс.

– Погледнете го Клаудио Раниери. Тој ја освои првата титула со Лестер речиси на крајот од кариерата. Луѓето можат да речат дека тој не бил успешен тренер, но сигурно не е така. Ако ги гледаме работите на тој начин, тогаш 90 отсто од тренерите во светот се губитници. Луѓето може и треба да ги мерат и вреднуваат успесите на различни начини – вели Почетино.