„Гардијан“ пишува за плановите и за реакциите за првата сезона во фудбалската лига на Англија пред 133 години, весникот во 1957 година објави дека „во рамките на ФА има некои што сакаат европска лига“, во 1960 година „Тајмс“ напиша дека е „потребно да се создаде поквалитетна лига со не повеќе од 16 тима што ќе можат да се развиваат и да играат во некоја нововоспоставена европска лига“… Шпекулациите за отцепени лиги, домашни и европски, се зголемија во 80-тите години на минатиот век

ФУДБАЛ

Во средината на април, 12 клуба што сакаат да се нарекуваат најголеми, најважни и реално потенцијално најпрофитабилни, се појавија со контроверзна идеја. Одлучија заедно да формираат лига и никој не можеше да ги спречи, пишува британскиот весник „Гардијан“. Негодувањата беа огромни. „Дузина клубови се здружија заради заедничка корист, очигледно без грижа за оние што останаа настрана“, напиша еден весник. „Дали е фер клубовите на тој начин да ги оставаат другите сами на себе? Според кој принцип е направен изборот? Дали се избрани најсилните клубови или станува збор за ослабување некои опасни ривали“? Друг весник напиша: „Лигата не е формирана за да го подобри фудбалот, таа е формирана за да можат клубовите основачи да заработат што повеќе“, опишувајќи ги вклучените во „ништо подобро од циркуска претстава“, а идејата како „огромна стратегија за празнење на џебот на луѓето“.
Тоа беше во 1888 година и се планираше првата сезона во фудбалската лига на Англија. Точно 133 години и еден ден подоцна беше објавено формирање нова меѓународна суперлига. Во рок од 48 часа таа пропадна под налетот на големата реакција во јавноста.

Идејата за европска суперлига не била секогаш непопуларна. Во 1960 година, откако Бристол роверс предложи реорганизација на англискиот фудбал (една врвна лига со 18 екипи, две регионални втори лиги, четири регионални трети лиги итн.), „Тајмс“ напиша дека е „потребно да се создаде поквалитетна лига со не повеќе од 16 тима, кои ќе можат да се развиваат и да играат во некоја нововоспоставена европска лига“.
Во исто време, „Обсервер“ предложи „премиер-лига со 16 екипи избрани според нивните успеси, спортските објекти, финансиската моќ и гледаноста“, од која „најдобрите тимови би влегле во европска лига“. Во февруари 1957 година весникот „Гардијан“ објави дека „во рамките на Фудбалската асоцијација има некои што сакаат европска лига во која би играле најдобрите тимови од сите земји“.
Но, како и неодамна со суперлигата, и оваа идеја главно наиде на одбивност и на многубројни поплаки. „Една европска лига ќе го собере кајмакот од англискиот фудбал, а поддршката на таквата шема за англиската фудбалска лига ќе биде еднаква на самоубиство“, напиша „Гардијан“ во 1957 година.
Тоа беше прва сезона во која еден англиски клуб играше во Европа, Манчестер јунајтед, кој го игнорираше „силното барање“ на Фудбалската лига да не учествува, и се пласира во полуфиналето на Купот на европските шампиони (КЕШ). Во 1958 година се појавија шпекулации дека Јунајтед може да биде исфрлен од лигата затоа што прифатил покана за настап и покрај тоа што не ја освои домашната титула, што се сметаше за голем преседан.

Шпекулациите за отцепени лиги, домашни и европски, се зголемија во 80-тите години на минатиот век. Во 1985 година се одржаа разговори меѓу т.н. голема петорка (Ливерпул, Евертон, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Арсенал), плус Манчестер сити, Њукасл и Саутемптон, за посебна лига. И „Гардијан“ пишуваше за можноста „неколку најбогати и најуспешни клубови“ сами да си направат лига, нарекувајќи ја идејата „непристојна и алчна“.
Во 1988 година, приказната за европска верзија повторно заживеа. „Гардијан“ напиша за проектот дека „е за пари и за телевизија“, додавајќи: „Врвните клубови веруваат, правилно, дека навивачите сакаат да ги гледаат од фотелја, не гледајќи причина зошто парите би отишле на друго место. Но во англискиот фудбал има 92 клуба, не 10 или 13“. Во 1991 година конечно се случи домашното отцепување, кога 22 клуба од Првата лига ја формираа Премиер-лигата.
– Останува да видиме како новите аранжмани ќе ја задоволат жедта за пари и за моќ на големите клубови и каде ќе престане елитизмот. Парите ќе зборуваат и сигурно ќе дојде време кога тие нема да сакаат сиромашните да бидат повеќе со нив. Притисокот кон натамошно отцепување може да дојде од Европа, чии повлијателни фактори притискаат за суперлига на континентот – напишал „Обсервер“, пренесува „Гардијан”.
Во 1990 година се зборуваше за принципиелен договор помеѓу 16 клуба од Европа, со Ливерпул и Ренџерс како претставници на Велика Британија. Во 1992 година, Купот на европските шампиони стана Лига на шампионите (ЛШ).

– Не може да се негира дека 90 отсто од вкупниот приход доаѓа од големите клубови и дека ако тие бараат промена, ние треба да ги слушаме – изјавил тогашниот претседател на УЕФА, Ленарт Јохансон, пишува „Гардијан”.
Газдите на шесте англиски клуба вклучени во неодамнешниот обид за суперлига се родени надвор и живеат во странство е фактот што многумина го сметаат како клучен за нивната подготвеност да ги тргнат традицијата и историјата настрана, но во 1998 година, кога претставници на десетина европски клубови се сретнаа во Лондон за да разговараат на слична тема, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Евертон, Арсенал, Тотенхем и Манчестер сити имаа локални газди, пишува „Гардијан“. „Проектот европска суперлига е чиста алчност. Не задоволувајќи се со огромната моќ и влијание, најголемите клубови на континентот ги сакаат сите пари и апсолутна моќ“, напишал Џеф Пауерс од „Дејли мејл“.
Се чини дека оттогаш не се сменило многу, пишува „Гардијан“.