Помеѓу 2011 и 2020 година, околу 15 проценти од најскапите трансфери во светот доаѓаат од португалската лига, која сезонава има три екипи во Лигата на шампионите, првпат од 2017 година

ФУДБАЛ – ВО ПЕРИОД ОД 10 ГОДИНИ

Ниту една земја во светот не заработила толку пари од трансфери на фудбалери во последната деценија како Португалија. Според извештајот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) од минатиот месец, по повод одбележувањето на 10-годишнината од Системот за совпаѓање на трансфери (ССТ), платформата создадена за евиденција на трансфери на играчи, португалските клубови може да се пофалат со позитивно трансфер-салдо од околу 2,5 милијарди евра, пишува агенцијата „Франс прес“ (АФП).
Помеѓу 2011 и 2020 година, околу 15 проценти од најскапите трансфери во светот доаѓаат од португалската лига, која сезонава има три екипи во Лигата на шампионите (ЛШ), првпат од 2017 година, но нема победник откако Порто триумфира под водство на Жозе Мурињо во 2004 година.
– Сумите вклучени во овие трансфери може да се објаснат со улогата на Португалија како мост помеѓу Јужна Америка и големите европски лиги – изјави за АФП Лик Равенел, истражувач во фудбалската опсерваторија од Центарот за спортски студии (ЦИЕС).
Повеќе од 1.550 играчи стигнале во Европа преку Португалија. Примерот на бразилскиот интернационалец Едер Милитао, кого во 2018 година Порто го купи од Сао Паоло за седум милиони евра и за помалку од една година го продаде во Реал Мадрид за 50 милиони евра, е јасна демонстрација колку овие трансакции може да бидат профитабилни.