Португалија е првиот учесник на фајналфорот. Од лигата А испаднаа Германија, Исланд и Полска, а за опстанок вчера играа Англија и Хрватска

Португалија, фудбалскиот првак на Европа, иако без најдобриот, Кристијано Роналдо, кој не настапи и на првите два меча, ремизира, без голови со Италија, во Милано, пред 73.000 гледачи, и си обезбеди место на финалниот турнир на првото издание на Лигата на нациите (ЛН) на кој ќе биде домаќин. Италија, со новиот селектор Роберто Манчини, кој се реши за подмладување на селекцијата по неуспехот во квалификациите за СП 2018, шести пат одигра нерешено на домашен терен, и заврши на втората позиција во групата 3, пред Полска, која како третопласирана испаѓа во лигата Б.

Во понизок ранг, во лига Б, се сели и Германија (група 1) по триумфот на Холандија над светскиот првак, Франција, со 2-0. На „лалињата“ им е доволен и еден бод од вечерашното гостување на Германија во Гелзенкирхен за да бидат први во групата.
Вчера се играа решавачките натпревари во групите 2 и 4 (лига А) за првото место. Во Луцерн се сретнаа Швајцарија и Белгија (Исланд е веќе испаднат), а во Лондон, Англија и Хрватска. На Белгија ѝ беше доволен еден бод за пласман во плејофот. Во Лондон селекцијата што победила е првак на групата, поразениот испаѓа во лига Б, а во случај на реми Шпанија е победник на групата. 


Фaјналфорот во Порто и во Гимараеш

Португалија ќе биде домаќин на завршниот фудбалски турнир на Лигата на нациите во јуни в година на кој ќе настапат четирите победници на групите во лигата А и ќе решат за победникот во првото издание на новото натпреварување.

Градови и стадиони на кои ќе се одржува завршниот турнир се Порто (стадион „Драгао“) и Гимараеш (стадион „Алфонсо Енрикес“). Сите детали би требало да бидат познати до 3 декември кога во Даблин, Република Ирска, ќе се влече ждрепката за составот на квалификациските групи за Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Предвидени се два полуфинални натпревара, на 5 и на 6 јуни, потоа натпревар за трето место и финале на 9 јуни.

Победникот покрај сребрениот пехар висок 71 см, ќе добие и парична награда од 7,5 милиони евра, поразената селекција во финалето 6,5 милиони, третопласираната 5,5 милиони, а четвртопласирана 4,5 милиони евра. Покрај ова четирите репрезентации како првопласирани во групите ќе добијат и по дополнителни три милиони евра. Л.Д.