Голот на Де Лихт

Португалија е актуелен европски првак од 2016-та, а Холандија игра за прв голем трофеј по европската круна од 1988 година. Првакот на првата Лига на нации ќе заработи шест милиони евра, како дополнение на претходните 4,5 милиони за учеството и за освојувањето на првото место во групата на Лига А

Холандија ќе игра против Португалија во утрешното финале во Порто (20.45 часот), во првото издание на фудбалската Лига на нациите (ЛН) откако во полуфиналето ја совлада Англија, со 3-1, по 120 минути игра. Холандија триумфира над Португалија на тест-меч во март 2018-та со 3-0, што беше нивна втора победа на последните 13 дуели (седум порази и четири ремија). Во мечот за трето место во Гимараеш, утре (15 часот), Англија ќе се сретне со Швајцарија против која има импресивен биланс, 17 победи, четири ремија и само два пораза на последните 25 натпревари.

Шампионот на ЛН ќе заработи шест милиони евра, финалистот 4,5 милиони, третопласираниот 3,5, а селекцијата на четвртото место 2,5 милиони евра. Претходно четирите репрезентации добија по 4,5 милиони евра за учеството и за освојувањето на првите места во своите групи на Лига А, што значи дека првиот првак на ЛН ќе заработи вкупно 10,5 милиони евра.

Мечот Холандија – Англија го одбележаа грешките на одбранбените играчи на двете репрезентации (Де Лихт, Стоунс, Вокер) по кои „паѓаа“ головите. Холандија ја продолжи серијата успешни настапи против Англија забележувајќи ја шестата победа, со седум ремија и само два пораза на последните 15 меча. За најдобар играч на мечот беше прогласен Френки де Јонг, плејмејкерот на Холандија, кој е новиот играч на Барселона. Роналд Куман, кој како селектор дебитира со поразот од Англија (0-1) во март 2018 година, ќе има шанса да освои прв поголем трофеј за Холандија по титулата првак на Европа во 1988 година. Тогаш Куман беше дел од тимот заедно со Руд Гулит, Марко ван Бастен, Франк Рајкард и другите, предводен од славниот Ринус Михелс како селектор.

Капитенот на Англија на овој меч, Рахим Стерлинг, стана третиот најмлад фудбалер што одиграл 50 меча, на возраст од 24 години и 180 дена. Помлади од него на 50-те репрезентативни натпревари биле само Вејн Руни пред 10 години (23 години и 159 дена) и Мајкл Овен во 2003-та (23 години и 179 дена).

„Лалињата“ имаат загубено само три од последните 21 натпревар одигран надвор од Холандија, а првпат по 112 години, од мечот против Белгија во 1907-та, постигнаа два гола во продолженијата. Англија, пак, прими три гола на официјален меч првпат по 2010 година на дуелот со Германија на Светското првенство (СП) во Јужна Африка.
Победникот во Лигата на нации нема загарантирано место на Европското првенство. Сите четири тима што настапија во полуфиналето, пак, имаат загарантирано место во фајналфорот в година од Лига А, од каде што победникот ќе игра на ЕП, но само ако претходно не обезбедат место на ЕП 2020 низ редовните квалификации.