Фудбалската репрезентација на Македонија не успеа да се пласира во повисок ранг во Лигата на нациите (ЛН) откако вечерва загуби од Ерменија со 0-1 на неутрален терен во Никозија, во последното коло од група 2 во Лига Ц.

Поранешниот фудбалер на Вардар, Хованес Хамбарџумијан, беше стрелец на одлучувачкиот погодок во 55-та минута. На тој начин беше прекината успешната низа на избраниците на селекторот Игор Ангеловски од осум меча без пораз во сите конкуренции, вклучувајќи го и плејофот во кој беше изборено учество на Европското првенство в година.

Македонија без стандардните репрезентативци Горан Пандев, Елиф Елмас, Илија Несторовски, Аријан Адеми и Езџан Алиоски не успеа да избегне пораз. Иван Тричковски се закани со шут од далечина во првото полувреме, но ерменскиот голман го сопре неговиот удар. Селекторот Ангеловски се обиде со неколку измени да стигне до израмнување, но Македонија не можеше да создаде посериозна прилика за гол, и покрај нападите.

Ерменија го освои првото место во групата 2 со што во следното издание на ЛН ќе игра во Лига Б, додека Македонија останува во Лига Ц. Грузија и Естонија одиграа 0-0 во вториот денешен меч од групата. Првопласираната Ерменија собра 11 бода, Македонија заврши со девет, пред Грузија со седум и Естонија со три поени.