Претставници на 20-те премиерлигашки фудбалски клубови во Англија одржаа неколкучасовен состанок, анализирајќи ја употребата на системот видеопомошник-судија (ВАР) во минатите неколку месеци. Во официјалното соопштение што потоа го објави Премиер-лигата беше кажано дека Здружението на судии е „посветено на подобрување на конзистентноста на одлуките, забрзување на процесите и подобрување на комуникацијата со навивачите“.

Од Лигата додаваат и дека шефот на Здружението на судиите, Мајк Рајли, се согласил оти е потребно подобрување на ВАР, поради многуте инциденти, пред сѐ во врска со офсајдите и со играњето со рака, кои ги иритираа клубовите, навивачите и стручните коментатори.
Договорено е во декември да се почне со некои мали измени. Тоа значи дека дополнителни информации ќе бидат прикажувани на големите екрани на стадионите. На пример, наместо како досега кога има сомнежи за играње со рака во 16-те метри и напишано „проверка за можен пенал“, сега ќе пишува „проверка за пенал, можно играње со рака“.

Судиите и натаму поретко ќе ги користат ТВ-мониторите покрај теренот, бидејќи, како што се истакнува, „обезбедувањето на темпото и брзината на фудбалот во Премиер-лигата остануваат важен фокус за клубовите“. Но се очекува судиите да одат до ТВ-мониторите за проверка на некои одлуки почесто отколку што го правеа тоа во првите месеци од сезоната.
Премиер-лигата се пофали дека со ВАР била подобрена точноста при донесувањето на одлуките за „клучните инциденти на натпреварите“. Судиите минатата сезона имале 82-отстотна точност во донесувањето на одлуките, а сега со ВАР тоа изнесува 91 отсто.