Дербито на првенството на Бугарија меѓу ЦСКА и Левски стана една од главните теми во фудбалска Европа, но не поради квалитетниот фудбал, туку поради инцидентот кој можеше да заврши кобно.

На полувремето, од секторот „Б“, каде што биле сместени најзапалените навивачи на гостинската екипа, кон тунелот што води до соблекувалните била фрлена експлозивна направа. Од експлозијата се распрснала стаклената врата на тунелот, при што сериозно е повредена една полицајка. Таа е евакуирана веднаш по инцидентот и однесена во болница каде што и е извршена итна операција. Лекарите се оптимисти дека видот ќе и биде спасен, иако најавуваат најмалку уште една операција за санирање на последиците. Според првичните информации од билницата, од окото и е извадено парче стакло, а повредите сепак не биле толку сериозни да и го загрозат животот.

На истиот натпревар се случил уште еден инцидент, овојпат без никакви последици, но кој зборува за хаосот што владеел на стадионот. Имено, еден навивач на ЦСКА успеал да влезе во тунелот каде што се движат фудбалерите и сосема комотно се рашетувал и покрај огромното обезбедување без никој да го пресретне.

Високиот претставник на бугарското МВР, Младен Маринов, на националната телевизија изјави дека сите виновници за инцидентите ќе бидат казнети.

Вчера беа задржани 40 лица, преземени се потребните мерки, а се бараат и навивачите чии лица беа скриени со маски на трибините“, изјави Маринов.