Го нема повеќе Аргентинецот Лионел Меси, ниту, пак, Португалецот Кристијано Роналдо на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија. Волшебниот двоец е елиминиран уште по првата нокаут-фаза, а пред почетокот им се даваа и најмногу шанси да ја освојат „златната топка“ на ова СП. Сега, други се меѓу најголемите кандидати за најдобар фудбалер на СП 2018.
Во прв план избиваат капитенот на хрватската репрезентација Лука Модриќ, француското чудо од дете Килијан Мбапе, како и Бразилецот Нејмар, иако се разбира уште е рано да се даде конечниот избор. Угледниот ТВ-канал ЕСПН засега го избра токму хрватскиот играч за врска за најдобар поединец на групната фаза, во која го реализира пеналот против Нигерија и даде убав гол од далечина против Аргентина. Кон ваква оцена се приклучи и угледниот британски лист „Гардијан“.
Младата француска ѕвезда, Мбапе (19) со двата експресни гола против Аргентина во осминафиналето, брзитe спринтoви и енергични контри, беше доволно убедлив за фудбалските стручњаци уште еднаш да го споредат со бразилската легенда, Пеле. Со погодокот и асистенцијата за победа над Мексико (2-0), во осминафиналето на СП, како и голот против Костарика во групната фаза, Нејмар полека, но сигурно го гради патот кон врвот во Русија, а и формата му оди во нагорна линија.
Секако, во игра (барем до вчера), се и англискиот голгетер Хари Кејн, недоволно закрепнатиот Колумбиец Хамес Родригес, но и Уругваецот Луис Суарез, белгиските ударни сили Ромелу Лукаку и Еден Азар и уште неколку фудбалери, кои можат да блеснат до крајот на СП во Русија.