Германија со победничкиот пехар од последното СП

Повеќето селектори веќе ги објавија провизорните листи со имињата на 28, 29, 32, па и 35 фудбалери, кандидати за настап на финалниот турнир

Светското првенство (СП) 2018 во Русија ќе почне на 14 јуни и ќе трае до 15 јули, и на него ќе настапат 32 репрезентации, од кои 20 учествуваа и на минатото СП 2014 во Бразил. Меѓу нив е и шампионот Германија, а дебитанти ќе бидат Исланд и Панама.
За очекување е први ѕвезди на првенството да бидат Аргентинецот Лионел Меси и Португалецот Кристијано Роналдо, но како и многупати досега да блеснат некои нови, млади играчи.

Шпекулациите околу тоа кои 23 фудбалери ќе се најдат на списоците на 32 селектори ќе потраат до 4 јуни, кога е последниот рок за заклучување на репрезентативните листи. Во меѓувреме повеќето селектори на репрезентации веќе ги објавија провизорните листи со имињата на 28, 29, 32, па и 35 фудбалери, кандидати за настап на финалниот турнир.
Селекторот на Бразилците, Аденор Леонардо Бачи-Тите, еден од фаворитите за освојување на титулата, го објави списокот од 23 фудбалери за Русија. Актуелниот европски првак, Португалија, на провизорниот список има 35 играчи, колку и Аргентина, Данска, Полска и Колумбија. Хрватите на првичниот список имаат 32, Русите и Мексиканците по 28 играчи итн.

Германскиот селектор Јоаким Лев списокот на фудбалери што треба да ја бранат титулата светски првак на СП во Русија требаше да го соопшти вчера.
Англискиот селектор Гарет Саутгејт објавувањето на списокот од 23 играчи за настап во Русија го најави за денеска попладне и со закажана прес-конференција за утре напладне. Францускиот селектор Дидие Дешамп соопштувањето на списокот на фудбалери за СП во Русија го најави за утре напладне.
Шпанците, односно селекторот Хулен Лопотеги, списокот на играчи за СП треба да го соопшти на 21 мај напладне. За понеделник, 21 мај, обелоденување на списокот на играчи за СП најави и белгискиот селектор Роберто Мартинез. 


СП без Санчез, Буфон, Чембрлен

Во меѓувреме, до 4 јуни, ќе траат нагаѓањата и шпекулациите кои фудбалери и зошто ќе ги нема на финалниот турнир. Но, она што е повеќе од сигурно се врвните фудбалери што нема да заиграат на терените во Русија.
Алексис Санчез, еден од најскапите светски играчи, член на Манчестер јунајтед, со неделна плата од околу 500.000 евра, ќе го нема на СП, бидејќи
Чиле, првакот на Јужна Америка, не се квалификува на завршниот турнир. Слична судбина ги снајде и Италијанците на чело со голманот Џанлуиџи Буфон. Во Русија ќе го нема ниту Велшанецот Герет Бејл, потоа Холанѓаните Арсјен Робен и најскапиот одбранбен играч, Вирџил ван Дајк, Швеѓанецот Златан Ибрахимовиќ и други.
Поради повреди ќе отсуствуваат Англичаните Алекс Окслејд-Чембрлен и Џо Гомез, Французинот Лорен Кошчелни итн.