Дефанзивецот Диего Лјоренте е вториот играч во составот на фудбалската репрезентација на Шпанија со позитивен тест за ковид-19, по капитенот Серхио Бускетс, во пресрет на Европското првенство (ЕП) што почнува утре. Тие ќе мора да останат во изолација најмалку 10 дена, што значи дека нема да можат да играат наскоро, по што останува на селекторот Луис Енрике да реши дали тие ќе бидат изземени од составот.
Шпанија не е единствената репрезентација што има проблеми со коронавирусот. Нивниот противник од групата Е, Шведска, се наоѓа во слична ситуација. Дејан Кулушевски, кој игра за Јувентус и играчот за врска на Болоња, Матијас Сванберг, исто така, беа позитивни на тестот.
Во почетокот на овој месец, Шкотска, исто така, беше принудена да изземе шест играчи од пријателскиот натпревар против Холандија откако Џон Флек беше позитивен на тестот пред натпреварот. Тој, веројатно, ќе го пропушти воведниот натпревар против Чешка в понеделник.
Во Европската фудбалска унија (УЕФА) се надеваат дека антивирусните мерки, кои беа користени во текот на клупските натпревари минатата сезона, ќе обезбедат безбедно ЕП и минимално нарушување. Но моментната состојба покажува дека не постојат никакви гаранции за непречено одвивање на турнирот.