Минатиот викенд имаше три спорни ситуации, на мечевите Манчестер јунајтед – Челси, Ливерпул – Шефилд и Барселона – Реал

Нема коло во петте најсилни европски фудбалски лиги што нема спорни моменти во кои во „главна улога“ е системот видеоасистент-судија (ВАР). Она што се најавуваше и се очекуваше од ВАР, да се елиминираат „јасните и очигледни грешки“, се претвори во друга крајност. Конфузните и нејасни одлуки на судите од контролната соба полна со монитори им ја поткопуваат кредибилноста на судиите на теренот, а различните „аршини“ за тоа што е офсајд, прекршок за пенал, како и одолжувањето при донесувањето на одлуките, им одат на нерви на сите и ја „убиваат“ играта, според некои.
Викендов имаше три спорни ситуации. На натпреварот Манчестер јунајтед – Челси (0-0), на стадионот „Олд трафорд“, не беше досуден пенал за гостите од Лондон кога Хари Магавер го собори Цезар Аспиликуета во шеснаесетникот. Случката ја разгледа ВАР, но Јунајтед избегна пенал.
– Мислев дека тоа е чист пенал. Тоа тешко може да го видат судиите на теренот и правилно да пресудат, но ВАР пребрзо ја разгледа таа ситуација и ја отфрли. Мислам дека требаше да одвојат време за го посоветуваат судијата на теренот да ја види повторената снимка. Веројатно е дека ако судијата отидеше до мониторот ќе досудеше пенал – изјави менаџерот на Челси, Франк Лампард.

На дуелот Ливерпул – Шефилд (2-1), стартот на Фабињо на работ од 16-те метри ВАР го окарактеризира како прекршок за најстрога казна, иако на повторената снимка се гледа дека можеби и нема прекршок, па и оти не е во казнениот простор. Сугестијата на ВАР по прегледот на снимката е дека првичната одлука на судијата за слободен удар од работ од 16-те метри треба да се преиначи во пенал, без да се проверува дали било прекршок. Од Шефилд, пак, реагираат и тврдат дека имало уште две спорни ситуации што требало да резултираат со пенал за нив.
– Тоа не беше ниту прекршок. Ова беше шести натпревар сезонава, а на три од нив ние сме на погрешниот крај при донесувањето вакви одлуки. Не сакаме никаква предност, но и не сакаме одлуки на наша штета – реагира Јирген Клоп, менаџерот на бранителот на титулата Ливерпул, кој е без пораз дома на 62 натпревари по ред (51 победа и 11 ремија), еден помалку од рекордот поставен помеѓу 1978 и 1981 година.
Шпанскиот дерби-меч, „Ел класико“, Барселона – Реал (1-3), исто така, го обележи ВАР.

– Не го разбирам ВАР, мислам дека се користи само за донесување одлуки против Барса. Секогаш имате влечења за дрес во 16-те метри. Мислам дека Серхио Рамос прв направи прекршок над Ленгле. Но тоа не е доволно за пенал – изјави тренерот на Барселона, Роналд Куман, кој се пожали и дека ВАР пропуштил да досуди два пенала за неговиот тим.