Кратката прегратка на селекторот Тите и претседателот Болсонаро

Контроверзниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, на синоќешната церемонија по финалето на Копа Америка не доби пречек како што очекуваше, откако фудбалерите на „кариоките“ по секоја цена ги избегнуваа неговите прегратки и честитки, додека при споменувањето на неговото име, публиката гласно негодуваше.

По победата на финалето на Копа Америка, каде што Бразил беше подобар од Перу со 3-1, Болсонаро не ги фасцинираше играчите како Фелипе Кутињо и Маркињос, кои бргу ја избегнаа неговата прегратка, но и селектрот Тите, кој инсистираше честитката да ја сведе на минимум.

Според „Јаху спортс“, не е вообичаено фудбалерите, особено на вакви церемонии, да покажуваат јавно несогласување со политичарите. Ситуацијата е слична во САД, каде капитенката на женската фудбалска репрезентација Меган Рапино јавно го критикуваше претседателот Доналд Трамп и уште пред освојувањето на светската титула најави дека нема да се сретне со американскиот лидер во Белата куќа.

Интересно е да се спомене и ланската церемонијата на доделување на медали на финалето на Светското првенство во Русија (Франција ја победи Хрватска со 4-2 – н.з.), на која хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и францускиот претседател Емануел Макрон страсно се прегрнуваа со фудбалерите од двете репрезентации.

Болсонаро го доби прекарот бразилскиот Трамп, бидејќи често ги деградира жените и малцинствата, го фаворизира профитот пред заштитата на животната средина и ја почитува воената хунта која владееше во Бразил повеќе од 20 години, што според „Јаху спортс“ е главната причина зошто фудбалските ѕвезди го избегнуваа политичарот. П.С.