Поранешниот претседател на Европската фудбалска унија (УЕФА), Мишел Платини, е уапсен за наводни нерегуларности при доделувањето на организацијата на Светското фудбалско првенство (СП) на Катар, кое ќе се одржи во 2022 година, пренесуваат светските медиуми.

Поранешниот француски репрезентативец Платини беше избран како претседател на УЕФА во 2007 година и служеше како нејзин претседател до 2015, кога доби забрана за вршење на функцијата од Комитетот за етика на ФИФА за серија прекршоци на нивните правила.

Францускиот медиум „Медиапарт“ тврди дека Платини денес е приведен како дел од истрагата која го разгледува доделувањето СП 2022 година на Катар. Според информациите, тој е пренесен во канцеларијата на антикорпциската полиција на распит.

Катар ја доби организацијата на СП во декември 2010 година, но оттогаш имаше многу различни контроверзии во однос на нивната соодветност за организација на настан од волку голем карактер.

Наводите за корупција во ФИФА отворија многу прашања во однос на легимитетот на кандидатурата на Катар. Поранешниот заменик-претседател Џек Варнер тврдеше во еден јавно објавен имејл може да се забележи дека Катарците ја „купиле“ огранизацијата на СП, иако тимот од земјата кој беше одговорен за кандидатурата ги отфрли сите обвиненија.

Французинот Платини беше првиот фаворит за наследување на позицијата на Сеп Блатер како претседател на ФИФА во 2016 година, пред двајцата да добијат забрана за било каква фудбалска работа пред четири години.

Поранешниот играч на Јувентус и француската репрезентација тогаш ја доби забраната поради примање на средства во износ од 1,35 милиони фунти од ФИФА по наредба на Блатер и отслужи три и пол години од четиригодишната забрана.

Мишел Платини во моментов продолжува да негира дека направил било какви нерегуларности и презема правни дејствија за клевета и лажни обвинувања.