Порто кога отсуствуваше од ЛШ двапати ја освои Лига Европа

Реал Мадрид, Барселона и Порто рекорден 23-ти пат ќе играат во групната фаза
во фудбалската Лига на шампионите

Фудбалските гиганти од Пиринејскиот Полуостров, Реал Мадрид, Барселона (двата од Шпанија) и Порто (Португалија) рекорден 23-ти пат ќе играат во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ), откако најсилното европско клупско натпреварување се игра според овој формат (од сезоната 1992/93, дотогаш играа само прваците, според нокаут-систем, во Купот на шампионите). Ова ќе биде 27-то издание на ЛШ.
Вкупно, трите клуба отсуството во по четири сезони го зачинија со три трофеи во другите европски купови, и тоа Порто со два (двапати Лига Европа), а Барселона еден (КПК, натпреварување што се играше до 1999 година, а потоа се спои со Лига Европа).

Барселона ги пропушти групните фази во сезоните 1992/93 (елиминирана во осминафиналето, пред почетокот на групната фаза), 1995/96 (полуфинале на Купот на УЕФА), 1996/97 (победник на Купот на куп-победниците) и 2003/2004 (осминафинале на Лига Европа).

Реал Мадрид, пак, не играше во групната фаза на ЛШ во сезоните 1992/93 (четврт-финале на Купот на УЕФА), 1993/94 (четврт-финале на Купот на куп-победниците), 1994/95 (трето коло во Купот на УЕФА) и 1996/97 (не играше во ниту еден европски куп, бидејќи претходната сезона беше шести во домашното првенство).
Порто не се пласира во групите во сезоните 1994/95 (четврт-финале на КПК), 2000/2001 (трето коло на ЛШ, пред групната фаза), 2002/2003 (победи во Лига Европа) и 2010/2011 (победи во Лига Европа).

Од другите тимови, сезонава 22-от настап треба да го имаат Манчестер јунајтед (победи во Лига Европа во 2017 година) и Баерн (победи во Купот на УЕФА во 1996 година), потоа Јувентус 19 итн. Дебитанти, пак, сезонава ќе бидат Црвена звезда, која има европска титула од Купот на шампионите, потоа Јанг бојс и Хофенхајм.
Реал Мадрид е рекордер и според бројот на титулите (13), освоените бодови (582), постигнатите голови (458)… на табелата на која се вклучени резултатите и од Лигата на шампионите и од поранешниот Куп на шампионите. Реал Мадрид е и единствениот тим што двапати ги добил сите шест меча во групната фаза (сезони 2011/2012 и 2014/2015). На уште четири тима тоа им успеало по еднаш – Милан (1992/93), ПСЖ (1994/95), Спартак М. (1995/96) и Барселона (2002/2003).

Ждрепката за групите за новата сезона беше влечена синоќа.