Светската фудбалска федерација (ФИФА) предложи посебна промена во правилата, по пет замени на еден натпревар, за да им помогне на тимовите.
Причината за зголемување на бројот на измените од досега дозволените три се објаснува со тоа дека играчите ќе се соочат со поголем замор, бидејќи, најверојатно, ќе играат повеќе натпревари во краток временски интервал во продолжението од сезоната.

– Безбедноста на играчите е еден од главните приоритети на ФИФА. Загриженоста е дека фреквенцијата на мечеви, повисока од нормалната, може да го зголеми ризикот од потенцијални повреди како резултат на преоптоварување на играчот. Имајќи го ова предвид, како и уникатниот предизвик со кој се соочуваме на глобално ниво да се одиграат натпреварите според првично предвидениот календар, ФИФА предлага привремено да се дозволат поголем број измени, според дискрециското право на организаторите на натпреварувањето.

На натпреварувања каде што моментално се дозволени помалку од пет измени, секој тим ќе може да направи и до пет измени на мечот, со можност за дополнителна замена ако се играат продолженија – велат од ФИФА.
Предлогот на ФИФА треба да го одобри Интернационалниот борд за измени на правилата на фудбалската игра (ИФАБ) и да важи за остатокот од сезоната 2019/2020, како и за следната сезона.