На последната седница на Советот на општината, советниците ја изгласаа Одлуката со која се даде согласност за оттуѓување на доминантниот пакет акции на досегашните доминантни сопственици на акциите на Фудбалскиот клуб Пелистер, сопствениците на фирмите Орка Холдинг АД Скопје, Пелистерка АД Скопје, ЗК Пелагонија АД Битола и Жито Битола Дооел Битола, на други физички или правни лица.

Со донесувањето на ваквата одлука, која беше верификувана на седницата на Советот, практично се даде виза за продажба на доминатниот пакет акции на клубот.

Според одлуката, Орка Холдинг Ад Скопје, Пелистерка АД Скопје, ЗК Пелагонија АД Битола и Жито Битола ДООЕЛ Битола се обврзуваат да го оттуѓат доминантниот пакет на акции под најмалку истите услови по кои е направен преносот со Општина Битола, 18-те илјади акции да се продадат по почетна цена од едно евро по акција.

На седницата на Советот не се дозна кои физички, или правни лица се заинтересирани за купување на акциите на Пелистер. Воедно, не стана збор ни за тоа на кој начин ќе бидат понудени на продажба акциите и како новите купувачи ќе можат да ги купат акциите под условите кои ги усвои Советот, ако се знае дека акциите на акционерските друштва единствено се купуваат и продаваат по пат на електронско јавно наддавање.

Но, по ваквата одлука единствено што се знае тоа е дека досегашните доминатни сопственции добија зелено светло да се ослобдат од акците на Пелистер. Засега останува нејасно кој е заинтересиран да ги купи акциите. Иако во јавноста може да се слушне дека некои субјекти се заинтересирани за купување на Пелистер, сепак, засега нема никаква конкретна понуда. М.М.