Актуелниот бранител на трофејот во Купот на Македонија, Пелистер, е вториот патник во финалето откако со 3-2 на пенали ја совлада Академија Пандев во реванш натпреварот од полуфиналната фаза.

Првиот натпревар заврши со предност од 2-1 за Пелистер, но на реваншот Академија Пандев успеа да дојде до победа со идентични 2-1.

Битолчани поведоа во 62. минута со голот на Благојче Марковски, но Академија Пандев со погодоците на Јани Атанасов во 71. минута израмни, а Марио Крстовски во 90. минута погоди за победа.

Пласманот во финалето го решаваа пеналите, а во нивната реализација подобра беше екипата на Пелистер.

Претходно Шкендија ја совлада Ренова со 2-0 и обезбеди место во финалето. Пелистер и Шкендија играа и во ланското финале.

Натпреварот ќе се игра на 9 мај, а ФФМ дополнително ќе го одреди местото.