Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Бразилецот Едсон Арантес до Насименто попознат како Пеле, изјави дека бразилската репрезентација има врвни индивидуалци, но дека не функционира најдобро на тимско ниво.

– Имам целосна доверба во бразилскиот селектор, но загрижен сум како се приближува Светското првенство, а ние се уште немаме добар тим. Индивидуално сме многу силни, но не функционираме како тим, истакна Пеле за бразилските медиуми.

Според него Бразил не може да стане светски шампион само доколку се потпре на играта на Нејмар.

– Тој созреа, веќе има искуство, но сам не може да го освои трофејот. Светски шампион се станува само со тим, истакна Пеле.

Бразил се наоѓа во групата Е заедно со Србија, Швајцарија и Костарика, а првиот натпревар ќе го играат на 17 јуни против Швајцарците.