Тој напорно работеше и имаше поддршка од своето семејство и од сопругата. Играчи како Левандовски мислат само на една работа: успех, успех и само успех. Сега, тој игра не само за Полска туку и за Баерн и е легенда, како Меси и Роналдо, вели Грембоцки

ФУДБАЛ

Роберт Левандовски не го криеше разочарувањето кога беше откажано доделувањето на наградата „златна топка“ за 2020 година поради коронавирусот, но работите си дојдоа на вистинското место откако го доби признанието за најдобар играч во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), во конкуренција на Лионел Меси и на Кристијано Роналдо, пишува „Би-би-си“. Но иако сега никој не се сомнева во неговите квалитети, полскиот напаѓач немаше лесен пат до врвот. Како тинејџер, се чинеше дека нема да успее како професионалец. На 17-годишниот Левандовски воопшто не му беше лесно кога во 2005 година почина неговиот татко Кшиштоф, европски јуниорски шампион во џудо. Роберт тогаш од четвртолигашот Делта штотуку помина во Легија, пишува „Би-би-си“.
Левандовски беше стандарден играч во резервниот тим на Легија, но повредата на коленото го запре напредокот. Добива покана од третолигашот Знич Прушков, клубот што купувал играчи за малку пари, ги подобрувал и потоа ги продавал поскапо. Но во почетокот тој бил далеку од тоа да биде најголемата sвезда на Знич. Сепак, брзо се вклопил. Во првата сезона постигна 15 гола и му помогна на Прушков да се пресели во Втората лига, каде што продолжи да постигнува голови. Во декември 2007 година тренерската функција ја презеде Јацек Грембоцки.

– Прушков имаше солиден тим и пет играчи од тој тим потоа играа во врвната лига на Полска. Се разбира, Левандовски беше мегаталент. Тој имаше сѐ, вредно тренираше, беше брз и технички многу добар. По повредата на коленото, мислам дека сфати оти нема шанси во Легија. Така, за да стане професионалец, мораше напорно да работи. Прушков, пак, ја доби својата суперѕвезда – изјави Грембоцки за „Би-би-си“.
Благодарение на головите на Левандовски (21), Прушков под водство на Грембоцки стана кандидат за пласман во Првата лига. На крајот, за малку не успеа. Но беше јасно дека Левандовски има сѐ што е потребно за да игра во најквалитетната лига и многу клубови беа заинтересирани за него. Левандовски стана sвезда на Лех Познањ, чиј капитен тогаш беше Бартош Босацки.
– Се сеќавам на неговиот прв тренинг, по што сите сметаа дека е добар. Кога го гледаме Роберт денес, тој е вистински атлет. Но тогаш беше потенок, па многу луѓе мислеа дека можеби ќе има проблем на физички план. По тој тренинг, знаевме дека ќе биде добар. Кога првпат влезе во соблекувалната, беше многу тивок, но во исто време и многу сигурен на теренот. Тој секогаш знаеше што сака – вели Босацки.
Во сезоната 2009/2010, Левандовски постигна 18 погодоци и му помогна на Лех да ја освои титулата. Потоа доби покана од селекторот на Полска, Лео Бенахакер, и на дебито со Сан Марино постигна гол. Босацки памети еден од тренинзите на Полска. „Играв против Роберт и имав голем проблем да се справам со него. По тренингот, разговарав со Бенхакер, кој ми рече: ’Тој е добар’, на што му одговорив: ’Среќен сум што играм со него во ист тим.’“
По две години во Познањ, Левандовски беше предодреден за голем трансфер во странство, пишува „Би-би-си“. Блекбурн беше еден од клубовите што беа заинтересирани. Но тој не допатува во Англија на преговори поради ерупцијата на вулканот во Исланд, кој ги запре сите летови низ Европа.

Потоа Борусија Дортмунд го купува за околу седум милиони долари. Во Дортмунд, тој се соочи со сличен проблем како и во Лех, мораше да игра на друга позиција. Откако Јирген Клоп го префрли во центарот на нападот, Левандовски стана ѕвезда на тимот. Во полуфиналето во ЛШ во 2013 година тој постигна четири гола против Реал Мадрид, а една година подоцна се пресели во Баерн. Меѓу рекордните достигнувања се петте гола за девет минути игра на натпреварот против Волфсбург (5-1) во 2015 година.
– Тој напорно работеше и имаше поддршка од своето семејство и од сопругата. Играчи како Левандовски мислат само на една работа: на успех, успех и само успех. Сега, тој игра не само за Полска туку и за Баерн и е легенда, како Меси и Роналдо – вели Грембоцки, пренесе „Би-би-си“.