Големите финансиски нееднаквости во фудбалот на највисоко ниво и натаму остануваат и може да се тврди дека пандемијата на коронавирусот уште повеќе ги влоши, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Проектот „Голема слика“ како и предлозите за создавање европска суперлига што ќе им овозможеше поголема финансиска и друга моќ на најголемите клубови не поминаа. Но и натаму остануваат големите финансиски нееднаквости во фудбалот на највисоко ниво и може да се тврди дека пандемијата на коронавирусот уште повеќе ги влоши, пишува „Би-би-си“.
Во моментов, заложбите за порамномерна финансиска структура во англискиот фудбал изгледаат мошне јалови. Челси штотуку потроши 97,5 милиони фунти (115 милиони евра) за Ромелу Лукаку. Манчестер јунајтед плати 108 милиони фунти (127 милиони евра) за Џејдон Санчо и за Рафаел Варан. Манчестер сити го собори британскиот рекорд купувајќи го Џек Грилиш од Астон вила за 100 милиони фунти (117,5 милиони евра). Сити не се откажува ниту од напаѓачот на Тотенхем и капитенот на Англија, Хари Кејн.
И францускиот ПСЖ летово беше доста активен на пазарот. Ангажирањето на Лионел Меси беше нивни четврти голем трансфер со слободен играч, но тие потрошија и седумдесетина милиони евра за бекот/крило Ахраф Хакими, кој дојде од Интер.
Како да е, и во Англија и подалеку, финансиското влијание на ковид-19 го зголеми јазот помеѓу оние што имаат и оние што немаат пари.

– Тоа се различни пристапи. Одредени клубови навистина ја искористија шансата. Во случајот со Манчестер сити и со ПСЖ, кои имаат богати газди, ми се чини дека тие се чувствуваат удобно да продолжат како и обично, бидејќи имаат добар „грб“. Манчестер јунајтед исто така. Веројатно мислеа, добро, можеби ќе требаше да платиме над 100 милиони за Санчо, а летово дадовме само 70 – објаснува за „Би-би-си“ Тим Бриџ, директорот на спортската деловна група „Делојт“.
Арсенал потроши 50 милиони фунти (58,7 милиони евра) за дефанзивецот на Брајтон, Бен Вајт, Тотенхем плати речиси 70 милиони фунти (над 80 милиони евра) за Кристијан Ромеро, за Брајан Гил и за голманот Пјерлуиџи Голини, а Лестер ги купи напаѓачот Патсон Дака и играчот од средниот ред Бубакари Сумаре. Вила ги потроши парите од Грилиш за Леон Бејли, Дени Ингс и за Еми Буендија. Но надвор од тоа, трошоците се ограничени. Најголемиот трансфер во Премиер-лигата летово е трансферот на Марк Геи од Челси во Кристал палас, вреден 18 милиони фунти (21,6 милион евра).
– Трансферот на Грилиш значеше 100 милиони фунти во индустријата. Тоа создаде домино-ефект што значи дека парите ќе одат од клуб во клуб. Она што ќе се случи летово и веројатно во скора иднина, е дека домино-линијата ќе биде многу пократка, бидејќи ќе се стигне до точка каде што на клубот ќе му треба готовина за да преживее. Наместо да излезат на пазарот и да ги реинвестираат во играчи, тие ќе запрат – вели Бриџ.

Правилата за финансиски ферплеј (ФФП) сѐ уште важат, и во Премиер-лигата и во Европа. Меѓутоа, во јуни 2020 година, Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека направените сметки за две години ќе важат како за една и ќе бидат дозволени „конкретни приспособувања на ковид-19“. Ова од клубовите беше протолкувано како шанса да се прикријат загубите. Но и покрај подобрениот статус во рамките на УЕФА „големата шесторка“ на Англија ѝ се приклучи на контроверзната суперлига. Во случајов на УЕФА многу ѝ помогна претседателот на ПСЖ, Насер ал Келаифи, кој одлучи својот клуб да го држи подалеку од суперлигата. Сега Ал Келаифи е поставен за претседател на влијателната Асоцијација на европски клубови (АКА).
Премиер-лигата води истрага за трошоците на Манчестер сити, но не се очекува таа да биде завршена во скоро време. Но зборувајќи за „Би-би-си“, извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, не изгледаше премногу загрижен дека големите трошоци ќе ѝ наштетат на конкурентноста на лигата.
– Мислам дека нема да бидеме помалку конкурентни. Очекувам сезонава да биде конкурентна бидејќи има повеќе клубови што ќе се борат за место што води во европските натпреварувања. Клубовите секогаш инвестираат во своите екипи и тоа е добро. Ако не инвестирате, најверојатно ќе стоите во место или ќе се враќате наназад. Клубовите треба да управуваат со своите финансии и мора да ги почитуваа правилата на УЕФА, и нашите. Можеби трошат, но и продаваат, па ќе видиме како ќе се избалансираат книгите на крајот – истакнува Мастерс.


Брентфорд има своја стратегија

Брентфорд стана 50-от клуб што игра во Премиер-лигата. Дури и во Чемпионшип, нивниот буџет беше значително помал од многуте ривали, па затоа тие мораа да смислат поинаков план. Тие го соборија клупскиот трансфер-рекорд кога минатиот месец на Селтик му платија 13,5 милиони фунти (15,8 милиони евра) за централниот дефанзивец на Норвешка, Кристофер Ајер. Но целокупниот план останува ист како што беше, откако кодиректорот Фил Џајлс пристигна во клубот во мај 2015 година.
– Знаевме дека не можеме да се натпреваруваме со некои клубови со расфрлањето пари. Сфативме дека единствениот начин е да продаваме играчи. Тоа значеше дека треба да се купат играчи што можат да напредуваат. Прифативме дека тоа ќе биде долгорочно и оти нема брзо решение. На крајот, таквите играчи нѐ одведоа до Премиер-лигата, му помогнаа на тимот, но и генерираа финансии за купување нови играчи – истакнува Џајлс.