За клупското СП досега само Баерн се квалификува по освојувањето на Лигата на шампионите (ЛШ) минатиот месец, првакот на Азија треба да биде познат во декември, на Јужна Америка во јануари…

Пандемијата на коронавирусот принуди едно Светско клупско првенство (СП) на Светската фудбалска федерација (ФИФА) да се одложи, а предизвикува загриженост и за доцнењето на квалификациските натпревари за СП во 2022 година. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, неодамна го потврди неизбежното презакажување на традиционалниот турнир со седум екипи за континентален клупски првак, кое беше закажано во Катар во декември. Шампионот на Јужна Америка ќе биде познат дури во јануари, откако групната фаза во Копа Либертадорес во 2020 година продолжи неделава по шестмесечен прекин, пренесува „Асошиејтед прес“.
– Разговараме, следиме, гледаме дали може да биде домаќин Катар можеби во почетокот на 2021 година – рече Инфантино за стариот начин на клупското Светско првенство.

Новото издание со 24 екипи требаше да почне во јуни 2021 година, но ФИФА го стави во мирување, откако Европското првенство и Копа Америка од 2020 година беа одложени за една година. За годинашното клупско СП досега само Баерн се квалификува по освојувањето на Лигата на шампионите (ЛШ) минатиот месец. ЛШ во Азија, исто така, продолжи неделава и цели на финалето во втората половина на декември итн.
Јужноамериканската квалификациска група од 10 селекции за СП 2022 не беше во можност да почне во март, оти пандемијата на коронавирусот се прошири. Целосната програма од 18 кола треба да почне на 8 октомври и треба да заврши пред интерконтиненталните плејоф-дуели на ФИФА за пласман на Мундијалот.
– Ова очигледно е вистински проблем, особено ако пандемијата не запре или се намали или ако не почнеме да играме на нормален начин. ФИФА веќе даде дополнителни датуми за натпреварите на националните репрезентации во јануари 2022 година, а ако треба, мора да најдеме и други прозорци – ја пренесе „Асошиејтед прес“ изјавата на Инфантино.

Европските фудбалски репрезентации ќе играат по три натпревари во октомври и во ноември за годинава да го комплетираат годинашниов плејоф за Европското првенство в година и групите во втората сезона на Лигата на нации (ЛН). Натпреварите во квалификациски групи за пласман на Светското првенство, пак, треба да почнат во март идната година.