Фото: Игор Бансколиев

Светската фудбалска федерација (ФИФА) издвои 10 играчи на возраст од 28 и повеќе години што заслужуваат да настапат на завршниот турнир в година, а покрај капитенот на Македонија, на листата се и Ван Дајк, Бејл, Облак, Мкатаријан, Заха, Обамејанг, Хачинсон, Запата и Леи

ФИФА

Пред почетокот на европските квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, Светската фудбалска федерација (ФИФА) издвои 10 играчи, на возраст од 28 и повеќе години, кои заслужуваат да настапат на мундијал, а меѓу тие фудбалери е и капитенот на репрезентацијата на Македонија, Горан Пандев (37), пишува на интернет-страницата на ФИФА.
„Пандев, кој досега одигра 114 натпревари за Македонија и постигна 36 гола, игра во нападот, беше битен играч на Лацио пред да му се приклучи на Интер и да му помогне да ја освои тројната круна, Лигата на шампионите, титулата во Серија А и трофејот во Купот на Италија во 2010 година. Пандев уште е во импресивна форма во Серија А во тимот на Џенова. Македонија, која е во квалификациската група Ј, со селекциите на Германија, Романија, Исланд, Ерменија и на Лихтенштајн, никогаш не била меѓу трите најдобри репрезентации во квалификациската група за пласман на светските првенства, но се пласира на првиот голем турнир, на Европското првенство летово. Пандев го постигна најважниот погодок во фудбалската историја на Македонија, против Грузија, 19 години по меѓународното деби“, пишува ФИФА.

На листата на Светската фудбалска федерација се и Холанѓанецот, центархалфот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк (29), Велшанецот, напаѓачот на Тотенхем, Герет Бејл (31), Словенецот, голманот на Атлетико, Јан Облак (28), Ерменецот, играчот на Рома, Хенрик Мкатаријан (32), Вилфрид Заха, напаѓачот на репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска и на Кристал палас, Габонецот Пјер-Емерик Обамејанг (31), центарфорот на Арсенал, Канаѓанецот Атиба Хачинсон (38), дефанзивниот фудбалер од средниот ред на Бешикташ, Колумбиецот Дуван Запата (29), напаѓачот на Аталанта, кој не беше во репрезентацијата на минатото СП, во 2018 година, во Русија и Кинезот Ву Леи (29), кој настапува за Еспањол.


ЛИСТА НА ФИФА

ФУДБАЛЕР                      ЗЕМЈА
Горан Пандев                 Македонија
Вирџил ван Дајк             Холандија
Герет Бејл                      Велс
Јан Облак                       Словенија
Хенрик Мкатаријан         Ерменија
Вилфрид Заха                 Брегот на СК
Пјер-Емерик Обамејанг   Габон
Атиба Хачинсон              Канада
Дуван Запата                  Колумбија
Ву Леи                            Кина