Пандев досега одигра 114 натпревари за Македонија. Рекордер во оваа категорија меѓу активните играчи е Рамос, со 178 меча во дресот на Шпанија, а УЕФА издвои 21 фудбалер со повеќе од сто меча, од репрезентациите што се пласираа на ЕП

ФУДБАЛ – УЕФА ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница претстави 21 играч со сто или повеќе одиграни репрезентативни натпревари, кои би требало летово да настапат на Европското првенство (ЕП). Меѓу нив е и капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, кој досега одигра 114 натпревари во црвено-жолтиот дрес. УЕФА во преставувањето на Пандев напиша: „Повеќе години најдобар и најпознат македонски играч, кариерата на Пандев личи на вистинска бајка, со настап на првиот голем турнир, на возраст од 37 години. Тој го постигна решавачкиот гол во плејоф-мечот против Грузија (1-0) што Македонија ја одведе на завршниот турнир“.
Први тројца на листата на УЕФА меѓу активните играчи според бројот на настапи се Серхио Рамос од Шпанија, со 178 меча, (УЕФА за него напиша: „Еден од најдобрите и најтрофејни дефанзивци на сите времиња. Капитенот на Шпанија беше еден од главните играчи во последователните триумфи на ЕП 2008, на СП 2010 и на ЕП 2012“), Кристијано Роналдо од Португалија, со 170 натпревари, (УЕФА: „Од дебито во 2003 година, Роналдо не покажува знаци на забавување.

И покрај повредата во финалето, триумфот на ЕП 2016 беше неговиот врв во националниот тим. Тој има и 102 гола за Португалија и е блиску до интернационалниот рекорд на Али Даеи“) и Лука Модриќ од Хрватска, со 133 настапи, (УЕФА: „Класа во секој поглед. Годината за паметење беше 2018-та, кога ја предводеше Хрватска до финалето на СП и ја освои „златната топка“ за најдобар играч на турнирот. Подоцна беше прогласен и за најдобар играч на годината на УЕФА“).
Во продолжение другите фудбалери на листата на УЕФА со повеќе од 100 меча за своите репрезентации: Жоао Мутињо (Португалија, 129), Марек Хамшик (Словачка, 126), Себастијан Ларсон (Шведска, 125), Јан Фертонген (Белгија, 123), Серхио Бускетс (Шпанија, 120), Уго Лорис (Франција, 120), Роберт Левандовски (Полска, 116), Пепе (Португалија, 113), Аксел Витсел (Белгија, 110), Еден Азар (Белгија, 106), Џорџо Кјелини (Италија, 105), Оливие Жиру (Франција, 105), Тоби Алдервирелд (Белгија, 104), Кристијан Ериксен (Данска, 103), Симон Кјаер (Данска, 102), Тони Крос (Германија, 101), Јуриј Жирков (Русија, 100).


ИГРАЧИ СО БАРЕМ 100 МЕЧА ОД СЕЛЕКЦИИТЕ ШТО ЌЕ ИГРААТ НА ЕП 2020

Серхио Рамос 178
Кристијано Роналдо 170
Лука Модриќ 133
Жоао Мутињо 129
Марек Хамшик 126
Себастијан Ларсон 125
Јан Фертонген 123
Серхио Бускетс 120
Уго Лорис 120
Роберт Левандовски 116
Горан Пандев 114
Пепе 113
Аксел Витсел 110
Еден Азар 106
Џорџо Кјелини 105
Оливие Жиру 105
Тоби Алдервирелд 104
Кристијан Ериксен 103
Симон Кјаер 102
Тони Крос 101
Јуриј Жирков 100

Извор: УЕФА