Палмеирас вторпат е првак на Јужна Америка, а триумфира со голот на Брено Лопес во 99-та минута, со првиот удар кон противничкиот гол. Палмеирас ќе игра на клупското СП во Катар од 4 до 11 февруари, а противник во полуфиналето ќе му биде мексиканскиот Тигрес или јужнокорејскиот Улсан

ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

Палмеирас ја освои втората титула во фудбалскиот Копа либертадорес (првата во 1999 година) победувајќи го во бразилското финале Сантос со 1-0, на стадионот „Маракана“ во Рио. Палмеирас триумфира со голот на резервниот фудбалер Брено Лопес во судиското продолжение, во 99-та минута, со првиот удар кон противничкиот гол, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Не ни можев да сонувам дека ова може да се случи во мојот живот. До скоро играв во Втората лига – изјави Лопес, кој помина во Палмеирас во ноември, од второлигашот Хувентуд.
Португалецот Абел Фереира (42), тренерот на Палмеирас, кој ја презеде функцијата во ноември, тргна по стапките на сонародникот Жорге Жeзус, кој лани со Фламенго ја освои титулата во Копа либертадорес, натпреварување што се игра од 1960 година и е на рамништето на европската Лига на шампионите (ЛШ). Ова беше трето финале на Копа либертадорес во кое играа два бразилски тима. Во 2005 година, Сао Пауло го победи Атлетико Паранаенсе, а следната година Интернационал беше подобар од Сао Пауло.

Сантос, поранешниот клуб на Пеле и на Нејмар, трипати ја освојувал титулата во Копа либертадорес, двапати со Пеле, во 1962 и во 1963 година, и еднаш со Нејмар, во 2011 година.
Палмеирас ќе биде претставникот на Јужна Америка на клупското Светско првенство (СП) во Катар, кое ќе се одржи од 4 до 11 февруари. Негов противник во полуфиналето ќе биде или мексиканскиот Тигрес или јужнокорејскиот Улсан.
Наградниот фонд за тукушто завршениот фудбалски Копа либертадорес изнесуваше 168,3 милиони долари, од кои победникот Палмеирас ќе добие 15 или вкупно 22,5 милиони акумулирани од претходните фази. Сантос ќе инкасира шест милиони долари, плус парите за пласман во секоја фаза, од осминафиналето до финалето (околу пет милиони долари).
Во Лигата на шампионите во сезоната 2019/2020 наградниот фонд изнесуваше 2,04 милијарди евра (околу 2,48 милијарди долари), од кои победникот Баерн доби околу 130 милиони евра (157,8 милиони долари).


НАЈМНОГУ ТИТУЛИ

Индепендиенте 7
Бока јуниорс 6
Пењарол 5
Ривер плата 4
Естудијантес 4
Олимпија 3
Национал 3
Сао Пауло 3
Сантос 3
Гремио 3
Крузеиро 2
Интернационал 2
Атлетико Н. 2
Фламенго 2
Палмеирас 2