„Марка“ извести за видеосостанок на ФИФА, ЕКА и ФИФ-про, а некои решенија се: клубовите да не можат да раскинат договор со играчите или со тренерите, создавање голем фонд, крајот на сезоната допрва да се утврдува и секоја лига да се приспособува на сопствената состојба, договорите да бидат продолжени до крајот на сезоната, клубовите не се должни да ослободуваат играчи на националните тимови…

Челниците на Светската фудбалска федерација (ФИФА) одржаа тричасовен видеосостанок со претставници на Здружението на клубови (ЕКА) и со Здружението на фудбалери (ФИФ-про) за промените што треба да ги направи светот на фудбалот за да се приспособи на глобалната криза поради коронавирусот, објави шпанскиот дневен спортски весник „Марка“.
Една од главните мерки што може да има најголемо влијание е барањето до фудбалерите за намалување на платите. Со нормализирање на состојбата, договорите би се вратиле на старо, но без да се заборави на реалноста во општеството и во спортот, пишува „Марка“.

Клубовите не ќе можат да раскинат никаков договор со играчи или тренери, а создавањето голем економски фонд од стотици милиони евра, во кој ќе учествуваат сите фудбалери, е уште една забележителна мерка што треба да се спроведе. Тој фонд ќе биде гаранција за фудбалот дека ќе ја задржи сегашната структура. Во тоа треба да бидат вклучени сите, почнувајќи од ФИФА, потоа конфедерациите, федерациите, играчите, ТВ-мрежите и спонзорите, иако создавањето на овој фонд ќе потрае малку подолго.

Крајот на сезоната допрва ќе се утврдува и секоја лига ќе се приспособува на сопствената состојба, но секогаш координирано и без загрозување на здравјето. Договорите со сите професионалци ќе бидат продолжени до крајот на сезоната, а клубовите ќе го платат тоа продолжување. Новите договори ќе почнат на датумот на кој ќе почне новата сезона. Бидејќи ќе има и играчи со преддоговори со нови тимови, приоритет ќе има тимот со кој ќе мораат да ја завршат сезоната, односно иако потпишале за друг тим пред 30 јуни, мора да ја завршат сезоната со тимот со кој ја почнале.

Преодниот рок може да потрае 16 недели (четири месеци), а клубовите побараа да биде продолжен до крајот на годината. Во оваа ситуација, клубовите не се должни да ослободуваат играчи на своите национални тимови. Фудбалерите и клубовите мора да бидат лоцирани за евентуални антидопинг-тестови. Предвидени се и евентуални казни за разни прекршоци, како еднострани отпуштања, неплаќање играчи, потоа за играчите што ги напуштаат земјите на тимовите каде што играат без очигледна причина, за играчи што не известуваат што прават, за тимови што не ја следат здравствената состојба на играчите, за дискриминација врз основа на земја на потекло на играчот, за клуб што одбива да го врати играчот што е позајмен и за одбивање да се исплатат клаузули во договорите. Клубовите имаат право да ги стопираат привремените вработувања, правило што се однесува на оние што работат хонорарно, на деновите на одигрување на натпреварите, пишува „Марка“.