До таа сума е дојдено според претпоставените приходи на клубовите од преостанатите натпревари сезонава, од ТВ-правата и од комерцијалните, спонзорски зделки во петте најсилни лиги во Европа, ја пренесува агенцијата АФП студијата на сметководствената фирма КПМГ

Петте најдобри фудбалски лиги во Европа, англиската Премиер-лига, шпанската Ла лига, италијанската Серија А, германската Бундес-лига и француската Лига 1 би можеле да загубат и до четири милијарди евра доколку пандемијата на коронавирусот прерано ѝ стави крај на сезонава, се вели во студијата на сметководствената фирма КПМГ, една од најголемите од ваков вид во светот.
До сумата од 3,45 до четири милијарди евра е дојдено според претпоставените приходи на клубовите од преостанатите натпревари сезонава, од ТВ-правата и од комерцијалните, спонзорски зделки во петте најсилни лиги. Во студијата на КПМГ што ја пренесува агенцијата АФП се вели и дека клубовите во т.н. „најголеми пет“ лиги најмногу зависат од парите од ТВ-правата.
КПМГ проценува дека англиската Премиер-лига би загубила најмногу, 1,25 милијарда евра, од кои 800 милиони евра се од ТВ-правата. Ла лига би загубила 600 од ТВ-правата, клубовите во Серија А до 450, а во Бундес-лигата и во Лига 1 – 400, односно 200 милиони евра доколку се прекине сезоната.

– Компаниите што ги поседуваат ТВ-правата и имаат договори со лигите би можеле да побараат враќање на парите доколку натпреварите се откажат и сезоната не биде завршена – пренесува АФП.
Премиер-лигата би претрпела најголеми загуби и покрај тоа што таму остануваат помалку натпревари за доигрување во споредба со другите лиги, освен Бундес-лигата во која има најмалку екипи, 18.

Фудбалските лиги низ Европа се во мирување поради пандемијата на коронавирусот, од што досега смртно настрадаа илјадници низ светот и чиј епицентар сега е Европа.
Постојат надежи и верувања дека домашната и европската сезона би можеле да бидат завршени, откако се одложи ЕП 2020 за следната година. Очекувањата се дека натпреварите би продолжиле кон средината на април.
Европската фудбалска унија (УЕФА) се надева дека клупските сезони би завршиле до 30 јуни, но можно е и евентуално одложување на сезоната доколку не забави ширењето на коронавирусот.