Од 12-те града-домаќини, осум потврдија исполнетост на стадионите од 25 до 100 отсто, а Минхен, Рим, Билбао и Даблин имаат рок до 19 април да дадат дополнителни информации за нивните планови, кога ќе биде донесена и конечната одлука во врска со играњето натпревари таму, објави Европската фудбалска унија

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави на својата интернет-страница дека ќе има гледачи на стадионите на натпреварите на Европското првенство (ЕП) летово. Засега осум земји и градови-домаќини ги потврдија капацитетите на стадионите врз основа на проекции за подобрената здравствена состојба во јуни и во јули, врз основа на поголем број фактори, вклучувајќи ги и вакцинациите во земјите, предвидувања за помалку новозаразени од ковид-19 итн., пишува УЕФА.
Од градовите, Санкт Петербург (Русија) потврди исполнетост на капацитетот на стадионот до 50 отсто, со можност за зголемување до крајот на април. Будимпешта (Унгарија) има цел арената „Ференц Пушкаш“ да биде полна, со услов гледачите да ги исполнуваат строгите услови за влез на стадионот, пишува УЕФА. Баку (Азербејџан) потврди капацитет од 50 отсто. Амстердам (Холандија), Букурешт (Романија), Копенхаген (Данска) и Глазгов (Шкотска) потврдија исполнетост на стадионите од 25 до 33 отсто, при што Амстердам, Букурешт и Копенхаген ја оставија отворена опцијата потенцијално да ги зголемат капацитетите до крајот на овој месец, во зависност од развојот на нивните програми за масовно тестирање и општите здравствени услови. Лондон (Англија) потврди минимален капацитет од 25 отсто за трите натпревари во групата и за осминафиналето и се надева дека ќе потврди поголема бројка на почетокот од јуни, за двете полуфиналиња и за финалето, на стадионот „Вембли“, пишува УЕФА на својата интернет-страница.

Минхен (Германија), Рим (Италија), Билбао (Шпанија) и Даблин (Република Ирска) се четирите града-домаќини што имаат рок до 19 април да дадат дополнителни информации за нивните планови, кога ќе биде донесена и конечната одлука во врска со играњето натпревари од Европското првенство таму.
Гледачите што сакаат да патуваат во земјите-домаќини за да ги следат натпреварите на нивните фудбалски репрезентации на Европското првенство ќе се соочат со повеќе предизвици поради ограничувањата, кои постојано се менуваат. Тие ќе мора да сметаат на различни ограничувањата и барања на границата за влез во земјите (вклучувајќи и карантин) што ќе бидат во сила во тоа време.


Билети за македонските навивачи во продажба во мај

Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница соопшти дека во почетокот на мај ќе почне продажбата на билетите за навивачите на репрезентациите на Македонија, Унгарија, Шкотска и на Словачка, кои последни, преку плејофот на Лигата на нациите во минатата година, се квалификуваа за Европското првенство.
Репрезентацијата на Македонија во Букурешт (Романија), на арената „Национал“, треба да одигра два натпревара од групната фаза (група Ц) на Европското фудбалско првенство, и тоа со репрезентациите на Австрија, на 13 јуни, и на Украина, на 17 јуни, во првите две кола, а потоа и на 21 јуни во Амстердам, на арената „Јохан Кројф“, во третото коло со селекцијата на домаќинот, Холандија.


ПЛАН ЗА ИСПОЛНЕТОСТ НА СТАДИОНИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ЕП ГРАД ПРОЦЕНТИ

Будимпешта 100
Санкт Петербург 50
Баку 50
Амстердам 25-33
Букурешт 25-33
Копенхаген 25-33
Глазгов 25-33
Лондон 25
Минхен рок до 19 април
Рим рок до 19 април
Билбао рок до 19 април
Даблин рок до 19 април

Извор: УЕФА