Жиру го постигнува голот со ножички

Оливие Жиру со спектакуларен гол со ножички му донесе победа на Челси над Атлетико Мадрид од 1-0 во осминафиналниот меч од фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) одигран вечерва во Букурешт. Искусниот француски напаѓач погоди во 68-та минута, со што неговиот погодок чекаше потврда од ВАР откако првично беше досуден офсајд.

Жиру, чии квалитети честопати се оспорувани, на тој начин го продолжи импресивниот учинок во континенталните натпреварувања (Лига на шампиони и Лига Европа), во кои постигна 15 гола на 16 средби во кои беше стартер за Челси. Тој има шест гола на четири настапи во тековното издание на ЛШ.

Во вториот вечерашен натпревар, актуелниот европски првак Баерн беше убедлив против Лацио 4-1 на гостувањето во Рим. Баварците водеа со 4-0 по 47 минути игра со головите на Роберт Левандовски, Џамал Мусијала, Лирој Сане и автоголот на Франческо Ачерби. Хоакин Кореа беше стрелец на единствениот погодок за Лацио во 49-та минута.

Реваншите од вечерашните средби се закажани за 17 март, додека во утрешните осминафинални дуели се среќаваат Аталанта – Реал Мадрид и Борусија Менхенгладбах – Манчестер сити (од 21 часот).